Активности

Среда, 30 октомври 2019 година

Јавна расправа: Имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на вчерашната 12.седница оддржа Јавна расправа на тема: Имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

Седницата со воведно обраќање ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова по што се обрати и Росана Дуџак, резидентна координаторката на ОН во Република Северна Македонија која истакна дека Агенциите на ОН работат на активности поврзани со имлементацијата на Законот за еднакви можности на жените и мажите, Истанбулската конвенција и Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство,  понатаму на воведување на прифатни центри, обуки за јавни обвинители со вклученост на родовите прашања, подготовка на кампања за насилство врз жените која треба да се одржи во ноември 2019 година, која оваа година ќе биде фокусирана на сексуалното насилство. Исто така ја поздрави одлуката на Владата за изработка на нов закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој ќе овозможи целосна имплементација на Истанбулската конвенција.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова посочи дека овој проблем треба да се решава заедно со мажите. Според неа овој закон не се имплементира во целост и оваа јавна расправа ќе послужи да се детектираат неговите слабости. Истовремено таа искажа разочарување што на јавната расправа не се присутни медиумите. Во своето излагање таа апелираше до институциите и центрите за социјална работа за потребата од посебни инспектори за семејно насилство. Рангелова укажа и на итноста за превземање мерки за економско јакнење на жените и обезбедување на домување. 

Претставничка на Секторот за социјална заштита на Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, Софија Спасовска ги информираше присутните дека се изготвува нов закон за родово базирано насилство. Таа во своето излагање информираше за активностите кои ги превзема министерството, изработката на подзаконските акти за проценка на ризик, зајакнување на службата и интерсекторската соработка, како и за  акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023. Исто така го потенцираше и ревидирањето на законот за социјална заштита, а го истакна и значењето на психо-социјалната поддршка и третман на жртвите од семејно насилство.

Исто така Розалита Дојчиновска - полициска советничка за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и контрола на квалитет во Бирото за јавна безбедност меѓудругото информираше за бројот на пријавени кривични дела во 2018, 1006 жртви на семејно насилство од кои 864 се жени, додека во првите 9 месеци од 2019 година тој број изнесува 709, од кои 610 се жени. Таа потенцираше дека во Министерството се врши едукација на полициски службеници од сите 8 сектори за родово-сензитивно обезбедување на жртвите. 

До Министерството за внатрешни работи стигнати се 440 пријави за семејно насилство, а само 1 пријава од здравствените работници. Сеумдесет и два проценти од жртвите на семејно наситство во Република Северна Македонија се жени, додека висок процент од 90% од сторителите се мажи- истакна Соња Атанасова од ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје.

Анета Трајковска од ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје, во своето обраќање посочи дека Центарот е надлежен орган за преземање мерки за заштита на жртвите од семејно насилство во соработка со други институции кои се надлежни да постапуваат согласно Законот. Центарот согласно своите надлежности врши стручна, советодавна, советовалишна и интердисциплинарна работа, презема мерки за заштита на жртвите, обезбедува задравствена и правна заштита на жртвите како и нивно економско јакнење преку активно вклучување на пазарот на трудот.

Благородна Шопова од  канцеларијата на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) рече дека тие во овој период работат главно на зајакнување на капацитети на институциите и граѓанските организации за промена на легислативата.

Елена Димушевска, претставничка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство во своето излагање се осврна на недостатоците на институциите и нефункционалноста на меѓуресорското тело. Таа исто така укажа и на потребата за воспоставување на унифициран национален систем за регистрирање на жртвите од семејно насилство. Според истражувањата на мрежата, која таа ја претставува, жените не се чувствуваат сигурни и се соочуваат со економски предизвици кога ја напуштаат насилната средина. На крајот од своето излагање таа предложи да се формира тело кое ќе го следи реализирањето на акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023, ќе ги анализира состојбите и ќе дава препораки. 

Во дискусијата се вклучија: пратеничките Мирсада Емини Асани, Маја Морачанин, Весна Дамчевска Илиевска,  Жаклина Пешевска, Јагода Шахпаска и Панчо Минов, Неџат Алији од кај Народниот Правобранител, како и претставничките на невладиниот сектор и локалните комисии за еднакви можности: Сузана Мусли од НВО Дерја, Дрита Исени од општина Центар, Сања Крстиќ и Ѓуна Маркова  од општина Валандово. 

Забелешките изнесени во дискусиите на оваа Јавна расправа ќе бидат инкорпорирани во новиот закон за родово базирано насилство.

Click