Активности

Петок, 4 мај 2018 година

Јавна расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Петта седница, одржа Јавна расправа за Извештајот за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија за 2018 година,  со посебен осврт на делот за родова рамноправност.                   

На седницата, покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, беа поканети и сите пратеници на Собранието на Република Македонија, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, министерот за труд и социјална политика, министерот за здравство, министерот за економија, министерот за образование и наука, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, народниот правобранител на Република Македонија, Институтот за родови студии, Un Women, УНДП, НДИ, ИРИ, претставници на НВО секторот од оваа област, како и претставник на Европската комисија.

Јавната расправа ја отвори г-ѓа Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
На расправата дискутираа државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска; државниот секретар на Министерството за здравство, Владимир Милошев; пратеничките Ѓулумсер Касапи, Лилјана Кузмановска, Јагода Шахпаска, Никица Корубин, Маја Морачанин, Жаклина Лазаревска и Весна Дамчевска-Илиевска, како и претставниците на невладините организации: Снешка Илиќ од Реактор, Ирена Цветковиќ од Коалиција „Маргини“, Савка Тодоровска од НСРР.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите го поздравува Извештајот на Европската комисија и позитивната препорака за влез во Европската Унија за Република Македонија, но и презема обврска да посвети посебно внимание за надминување на одредени пропусти нотирани во Извештајот; 

2. КЕМ изразува задоволство поради тоа што во Извештајот е нотиран одреден напредок во рамноправноста помеѓу жените и мажите, особено преку ратификување на Истанбулската конвенција на Советот на Европа, како и постојните закони за родова рамноправност, коишто, како што е нотирано, се во голема мера усогласени со aquis на Европската Унија, но најголем предизвик останува нивното спроведување;

3. Да се обезбедат соодветни буџетски средства за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2016 - 2020; 

4. Да се унапредат капацитетите на релевантните институции задолжени во ефикасно спроведување на Законот за работни односи, кои што се недоволни, особени мерките за унапредување на родовата еднаквост на пазарот на трудот;

5. Да се подобри здравствената заштита на жените и да се обезбедат матични гинеколози во сите општини;

6. Подобрување и унапредување на Законот за прекинување на бременоста заради нотирање на слабости и спречување на нелегални абортуси;

7. Да се зголемат напорите и да се најде поефикасен механизам за решавање на домашното и родовото базирано насилство во сите сегменти на општественото живеење, особено во делот на образованието, со посебен сегмент во Сеопфатната стратегија за образование 2018 - 2025, да се вметне непрепознавањето и справувањето на родово засновано насилство и сексуалното вознемирување во образовниот процес;

8. Да се разгледа и можноста за воведување на посебни предмети во училиштата, особено од областа на родовата политика;

9. Да се обезбеди механизам за целосно спроведување на Стратегијата за вклучување на Ромите 2014 - 2020 и соодветни акциски планови за образование, вработување, здравје, домување, особено за жените Ромки, коешто е слабо, како и мерки за социјално претприемништво;

10. Да се подготват национални акциски планови за имплементација на Истанбулската конвенција;

11. Да се зголеми надзорната улога на Собранието на Република Македонија;

12. Да се направат законски измени со воведување на квоти за жени градоначалнички, за жени во извршната власт, да се воведат квоти 50:50 за учество на жените на листите за парламентарните и за локалните избори и да се почитува членот од Законот за еднакви можности којшто упатува на еднаква застапеност на жените и мажите во сите управни одбори, па дури и во оние тела кои ја преставуваат Република Македонија во и надвор од земјата;

13. Извештајот од оваа седница да биде доставен до сите ресорни министерства, заклучоците да бидат разгледани и да се постапува по истите.

Click