Активности

Вторник, 5 февруари 2019 година

Јавна расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Деветтата седница одржа Јавна расправа на тема: Годишен извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа беа поканети сите пратеници на Собранието на Република Македонија, министeрката за труд и социјална политика, координаторките за еднакви можности на Министерствата на Република Македонија, народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, градоначалниците, локалните комисии за еднакви можности, претставници на меѓународните организации, експерти, Институтот за родови студии, Un Women, НДИ, ИРИ, претставници на НВО секторот од оваа област, како и претставник на Европската комисија.          

Седницата со воведно обраќање ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова, по што се обратија и Ѓултен Мустафова, раководителка на Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка  на канцеларијата на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените - UN Women. Свое излагање на темата имаа: Сања Саздовска, заменик-координаторка за еднакви можности во Министерството за здравство на Република Македонија; Владанка Шиндева - координаторка за еднакви можности во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Размена Чекиќ-Дуровиќ, раководителка на Секторот за управување со човечки ресурси во Министерството за економија на Република Македонија. 

Во дискусијата се вклучија пратеничките Ѓулумсер Касапи, Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Никица Корубин, Снежана Калевска-Ванчева, Жаклина Пешевска и Јагода Шахпаска, потоа Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и претставниците на невладиниот сектор и локалните комисии за еднакви моќности и тоа:  Марија Савовска од Акција Здруженска, Дрита Усени од Општина Центар, Лидија Аксентиева од Општина Пробиштип, Ѓуна Маркова од Општина Валандово, Виолета Цветковска од Општина Карпош, Соња Хаџи Николов од Акција Здруженска, Славица Димова од Општина Свети Николе, Габриела Илиевска од Општина Битола, Соња Бојковска од Општина Илинден и Наде Пешева од Министерството за култура. 

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Владата на РМ, Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2013-2020 од претходната да го доставува до Собранието на РМ најдоцна до 15 мај во тековната година;

2. Да се воведат деловнички одредби за задолжително организирање на годишна тематска надзорна расправа за напредокот во остварувањето на резултатите од спроведувањето на сите стратешки планови кои Собранието на Република Македонија согласно закон ги усвојува со обврска да го следи нивното спроведување; 

3. Воведување деловнички одредби со кои се воспоставува и регулира регистрацијата и акредитацијата на засегнатите страни со јасно пропишан критериум за учество на организациите од областа на родовата еднаквост во сесиите на работните тела, вклучувајќи ја и експертската поддршка на работните тела на Собранието на Република Македонија за прашања од интерес;

4. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите да воведе механизам за разгледување на извештаи во сенка од граѓански организации;

5. Да се унифицира форматот на Годишниот извештај и теркот да се достави до сите министерства и до локалните самоуправи и задолжително во нив да има статистички податоци и да содржи компаративна анализа со претходната година; 

6. Да се преиспитаат критериумите за субвенционирање на жените претприемачи, бидејќи се многу строги;

7. Да се зголеми заложбата за  квотата 50% за жени на листи како за парламентарните така и за локалните избори и за воведување на квота за жени градоначалнички и за учество во извршната власт, како и за месна самоуправа;

8. Да се воведе сеопфатно сексуално образование како задолжително и за предучилишна и за училишна возраст;

9. Комисијата да ги задолжи сите градоначалници и министри да отворат ново, посебно работно место во систематизацијата за координатор, кој ќе се занимава со прашањето за еднакви можности.