Активности

Среда, 9 мај 2018 година

Јавна расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите за Законот за работни односи

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на денешната Шеста седница,  одржа Јавна расправа на тема: Изменување и дополнување на Законот за работните односи. Јавната расправа се одржа на иницијатива на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.          

На седницата, покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, беа поканети: сите пратеници на Собранието на Република Македонија, претседателот на Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, министерката за труд и социјална политика на Република Македонија, народниот правобранител на Република Македонија, претставници на Државниот инспекторат за труд, Комисијата за заштита од дискриминација, Сојузот на синдикати на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на  Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија, Фондацијата Отворено општество - Македонија, Фондацијата Фридрих Еберт, Мрежата за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост, Македонската платформа против сиромаштија, Левичарското движење Солидарност, претставници на други невладини организации од оваа област, Un Women, УНДП, НДИ, ИРИ, како и претставник на Европската комисија.

Седницата со воведно обраќање ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова, по што преставничката од  Хелсиншкиот комитет за човекови права, Неда Чаловска-Димовска ја образложи иницијативата. Потоа, свое излагање имаше државната секретарка на Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Во дискусијата се вклучија: пратеничките Жаклина Лазаревска, Мирсада Емини-Асани и Маја Морачанин, потоа Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје, како и претставниците на невладините организации, Ана Блажеска од Центарот за истражување и креирање политики, Игор Јадровски од Хелсиншкиот конитет за човекови права, Снешка Илиќ од Реактор, Јасна Оровчанец-Арангеловиќ од Македонското здружение на млади правници, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија и адвокатката Софија Бојковска. 

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Потребни се измени на Законот за работните односи со цел унапредување на позицијата и заштита на жената работничка и постигнување на родова еднаквост;

2. Неопходно е да се отпочне инклузивен процес за измени и дополнување на Законот за работните односи во кој ќе бидат вклучени здруженијата на граѓани;

3. Министерството за труд и социјална политика да го отвори процесот за измени на Законот за работните односи во кој ќе бидат вклучени сите социјални чинители вклучитено и здруженијата на граѓани;

4. Измените на Законот за работните односи треба да гарантираат заштита на работничките кои имаат склучено договор на определено време во случаите на бременост и породилно и родителско отсуство;

5. Измените на Законот за работните односи треба да обезбедат неусловено и гарантирано користење на родителското отсуство од страна на мајката и таткото, како и поголема вклученост на мажите во грижата за своите деца, преку користење на задолжително родителско отсуство од минимум 3 месеци; 

6. Овие заклучоците да се објават на веб-страницата на Собранието на Република Македонија и да се достават и до Министерството за труд и социјална политика и забелешките да бидат земени предвид. 

Click