Активности

Понеделник, 16 јули 2018 година 

Јавна расправа на тема: „Акциски план за спроведување на Конвенцијата  за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018“

Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика денеска организираше јавна расправа  на тема: „Акциски план за спроведување на Конвенцијата  за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018“, а на која беа поканети и преставниците на невладините и меѓународните организации и Европската комисија.

Поздравно обраќање имаше координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи која истакна дека Собранието неодамна ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилствто врз жените и домашното насилство или Истанбулската Конвенција, а денешниот настан е посветен на разгледување на Акцискиот план за имплементација на одредбите од Конвенцијата и неговото спроведување.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и државната секретарка, Јована Тренчевска го презентираа предлог Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018. 

Царовска посочи дека ова не е само женско туку и национално прашање на кое треба да кажеме „не“, Истанбулската Конвенција е прв чекор дека ние како општество сме позиционирани кон државите кои кажале не на семејното насилство.

Во презентацијата, Тренчевска истакна дека Националниот акциски план има три основи цели:

  1. Усогласување на законската рамка со одредбите на Конвенцијата (донесување на нов закон, дополнување на постојните закони за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и Кривичниот законик);
  2. Воспоставување сервиси за унапредување на заштитата на жртвите на родово-базирано насилство и на жртвите на семејно насилство ( изработка на стандарди за давање на специјализирани услуги на жртви на родово-базирано насилство и стандардни оперативни процедури во согласност со Советот на Европа, спроведување обуки за даватели на специјализирани услуги, воспоставување на кризни центри, засолништа како и центри за советување на жртви на семејното насилство);
  3. Спроведување активности за превенција од родово-базирано насилство и семејно насилство (спроведување на обуки во образовниот процес, национална медиумска кампања за подигање на свеста за сите форми на родово-базирано насилство, промовирање на родовата еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги.

Луиза Витон во име на ООН, ја поддржа ратификацијата на Инстанбулската Конвенција, како и можноста за учество во овој Акционен план и да биде наш партнер.

Соговорничките се согласија дека оваа јавна расправа беше одлична можност да се изнесат сите конструктивни предлози и забелешки по однос на Планот, како и тоа дека ова не е само женско туку и семејно прашање кое заеднички треба да се решава со подигање на општествената свест како и поголема вклученост на мажите и нивните мислења на овој пат во борба против насилството.

На крајот од јавната расправа, Касапи посочи дека изнесените Заклучоци ќе бидат подготвени и донесени на наредната средба.

Click