Активности

Вторник, 3 април 2018 година

Јавна расправа на тема: „Ефектите од примената на паралелен увоз на лекови“

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија вчера оддржа јавна расправа на тема: „Ефектите од примената на паралелен увоз на лекови“.

Со седницата раководеше претседателката на Комисијата за здравство, г-ѓа Мирсада Емини-Асани, која истакна дека излагањата на јавната расправа треба да бидат квалитетна основа во подобрувањето на законските решенија на Законот за лековите и медицинските средства.

На Јавната расправа беа поканети и активно учество зедоа претставници од Министерството за здравство, Агенцијата за лекови, Лекарската комора, Фармацевтската комора, ЈЗУ Клиника за детски болести,  Фармабренд Нова, Сојуз на здружение на дијабетес, Здружение на хемофиличари, Здружение за ретки болести, претставници од повеќе невладини здруженија кои се заинтересирани за оваа проблематика, како и пратеничките Јагода Шахпаска и Катерина Кузмановска. 

Воведничари на јавната расправа беа министерот за здравство, г. Венко Филипче и проф.д-р Калина Старделова-Гривчева.

Министерот за здравство во своето обраќање истакна дека во подготовка се предлог измени и дополнувања на Законот за лековите и медицинските средства, посебно во делот за паралелен увоз на лекови во смисла на зајакнување на контролните механизми во постапката на увозот со цел за обезбедување на квалитетни лекови на граѓаните.

Во дискусијата, во која се вклучија претставници на сите поканети субјекти беа изнесени конструктивни мислења, предлози и забелешки кои треба да се имаат во предвид при измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства.
 

Click