Активности

Петок, 30 март 2018 година

Јавна расправа на тема: „Предлог-национална стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година“

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија одржа јавна расправа за Предлог-национална стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година, со која претседаваше претседателката на Комисијата, г-ѓа Ирена Стефоска.

Воведно образложение на Националната стратегија даде министерот за култура, г. Роберт Алаѓозовски, кој, меѓу другото, истакна дека ова е процес кој бара работа и знаење, храброст и визија, процес кој на македонската култура ќе ѝ ги отвори европските и светските перспективи и кој на подолг рок ќе ги оправда преземените средства.

Во широка и сеопфатна дискусија, многу претставници на институции и организации од различни полиња на културата во нашата земја, имаа можност да ги искажат своите идеи, размислувања, сугестии, забелешки, кои потоа можат да ги достават до Комисијата за култура, со цел нивно разгледување и вклучување пред конечното донесување на Националната стратегија во Собранието.

Големиот број дискутанти, како заинтересирани страни, ја нагласија неопходноста од конкретизација на мерките што ќе се преземат, евалуација на претходно сработеното, потребата од департизација и деполитизација во културата, заштита на културното наследство, поголема застапеност на одделни гранки во Стратегијата, зголемен буџет, поголема опфатеност на другите култури, покрај македонската, вклученост на лицата со посебни потреби, подигање на општествената свест и едукација на граѓаните.  

Тие ги изразија своите заложби за подобрување на положбата на културните работници преку повисоки плати, рамноправност на позициите, унапредувања и стимулирања на вработените, стручен кадар, обука и дообучување, но и подобрување на состојбите на објектите и градење на нови капацитети. 

Преголемата заинтересираност за националната стратегија е доказ дека културата како поврзувачка алка меѓу минатото и сегашноста, е нешто што ги обединува сите во Република Македонија како мултиетничко и мултикултурно општество во една општа мисија и визија за нејзин развој. 

Click