Активности

Петок, 23 ноември 2018 година

Новиот закон - прв чекор во справувањето со корупцијата

На Комисијата за политички систем и односи со заедниците се одржа јавна расправа за Предлог-законот за спречување на корупција и судир на интереси. Новиот закон е спој на досегашните закони за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси.

Како што посочи заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата би броел 7 члена кои ќе бидат професионалци и ќе бидат избирани по транспарентна постапка со административна селекција и спроведување на интервју, јавно на собранискиот канал. Кандидатите за членови на Комисијата во последните10 години не смеат да бидат пратеници, членови на Влада, донатори на политичка партија или да вршеле функција во органи на политичка партија. Средствата за работа на Комисијата ќе ги утврдува Собранието.

Слаѓана Тасева од Граѓанскиот сектор посочи дека новиот закон е исчекор во борбата со корупцијата и побара поддршка од пратениците за да може Комисијата да прерасне во независен орган на контрола и превенција на корупцијата. Таа рече дека да се биде на функција значи обврска за поголема ранспарентност, одговорност и отчетност во работењето.

Розета Трајан од ДКСК го поздрави носењето на законот, но, меѓу другото,побара да се зајакне статусот и примањата на вработените за да не се повтори практиката од минатото кога врз нив се вршел притисок.

Новинарот Христо Ивановски посочи дека и новинарите се дел од корупцијата, бидејќи можат да се закануваат и да бараат надоместок, и побара попрецизни одредби за справување со овој проблем.

Претседателот на Правниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Микиновски, рече дека намерата на законот е добра, но темата содржински е промашена, бидејќи се прави само козметика на законското решение. Најави амандманско делување од партијата за да се добијат реални решенија.

Претставникот на Институтот за демократија предложи наместо 5, 7-годишен мандат на членовите на Комисијата, без право на реизбор, како и намалување на составот од 7 на 5 члена.

Трпе Дејановски од УПОЗ нотираше дека 9 години немало унапредувања на административните службеници во Комисијата.

Дијана Деспотовска од Стопанската комора побара заштита на дојавувачите, додека Марија Саздески од Меѓународниот републикански институт - ИРИ даде поддршка за намалување на бројот на членовите на Комисијата, односно бројот да се движи од 3 до 5 членови.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации побара во изјавите за имотната состојба да се нотирани и дополнителните приходи од кирии, авторски права и членство во управни одбори.

За пратеникот Павле Богоевски законското решение не е козметички чекор, туку прв чекор во справувањето со корупцијата.

Пратениците Богоевски и Артан Груби го подржаа зајакнувањето на составот на вработените и Секретаријатот и зголемувањето на финансиските надоместоци, а пратеникот Панчо Минов предложи на крајот од мандатот на избраните и именуваните лица да се испита потеклото на имотот.

На крајот од раправата, претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Александар Кирацовски, рече дека клучот за сузбивање на корупцијата е во Собранието. Наскоро треба да се избере нов состав на ДКСК и во изборот не смее да се погреши, бидејќи членовите треба да бидат чесни, со кредибилитет и интегритет.

Click