Активности

Вторник, 28 јануари 2020 година 

Јавна расправа по Предлог-законот за висока раководна служба

Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, денеска, на 105. Седница, одржа Јавна расправа по Предлог-законот за висока раководна служба, со која претседаваше претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски.

Тој, во своето воведно излагање, изрази задоволство од интересот за Јавната расправа по овој Предлог-закон, истакнувајќи ги принципите на отвореност и транспарентност како основни начела на работата на Комисијата, при носење на законски решенија за добробит на граѓанинот.

На јавната расправа воведничари беа министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски; Хавиер Систернас од „Сигма“; Фрик Јанмат, претставник од  Делегацијата на ЕУ; а зедоа учество: проф.д-р  Борче Давитковски; проф.д-р Ана Павловска-Данева; Неда Малеска од граѓанскиот сектор; Невенка Стаменковска-Стојковски, дополнителен заменик-министер во МИОА; Миша Поповиќ, Институт за демократија; Елизабета Гроздановска, Сојуз на стопански комори.

Министерот Манчевски ја поздрави идејата за Јавната расправа по Предлог-законот за висока раководна служба, како и воведување на нови стандарди на функционирање на политичкиот систем кај нас. Законските решенија се со цел решавање на еден проблем кој се провлекува подолго време, користејќи ги меѓународните искуствата, преку белгискиот и португалскиот пример, кои соодветствуваат на нашата политичка култура.

Се предлага формирање на Комисија за избор на висока раководна служба од единаесет членови, која ќе биде избрана во Собранието во согласност со власта, опозицијата и стручната јавност, по примерот на ДКСК.

Систернас од „Сигма” подвлече дека нашата земја има добар систем за администрација, со можност за подобрување, но забелешките се во однос на именувањето на раководната служба кои не се во согласност со препораките во Извештајот за земјите кои пристапуваат кон ЕУ.

Систернас забележа дека во земјава и целиот регион се користи традиционалниот начин на именување на раководната служба од страна на релевантно политичко тело без можност за натпревар, носејќи ризик од недостаток на капацитет, слабата меѓусекторска комуникација, спонзорирање на непотизам, а имањето систем за висока раководна служба, ќе придонесе за делотворност на јавната служба, ефикасно управување со јавните средства, ефикасна администрација и враќање на довербата на граќаните во институциите и ќе ја зајакне регенерацијата на политиката. Земјава е пример, пионер во регионот и соседните земји ќе го следат овој пример.

Претставник од Делегацијата на ЕУ, Јанмат, задолжен за рефомите во јавната администрација, истакна дека реформите во јавната администрација се клучни области кон пристапувањето на земјата кон ЕУ. 

Професорот Давитковски ја поздрави идејата да се реши проблемот со политизација  на топ-менаџментот во јавната администрација, но забележа да не се мешаат надлежностите на законодавната и извршната власт и да се алоцира формирањето на Комисијата од Собранието во извршната власт.

Додека, професорката Павлова-Данева ја истакна како позитивна унификацијата на условите, транспарентноста на постапката. Согласна со Давитковски дека е неприфатливо да се прави мешање на законодавната со извршната власт, бидејќи се коси со Уставот. Истакнувајќи го својот став против формирање на нови, парадржавни органи. 

Од граѓанскиот сектор, Малеска истакна дека со новиот закон, конечно, ќе се демонстрира одговорност и се враќа довербата на граѓаните кон институциите. Истакнувајќи го отворениот систем, транспарентноста на постапката, изборот и селекцијата, кој има за цел да ги провлече најдобрите кандидати, како и јасна раководна одговорност преку имплементација на политиките и отчет за сработеното.

Дополнителниот заменик-министер во МИОА, Стаменковска-Стојковски, даде низа забелешки на текстот на Предлог-законот, во иста насока како и претходно изнесените забелешки на професорите. 

Поповиќ од Институтот за демократија смета дека со ова законоско решение ќе се намали можноста за клиентелизмот оддолу, додека за Гроздановска од Сојузот на Стопански комори - законот содржи недоречености, контрадикторности, како и општи и апстрактни или неприменливи услови кои е многу тешко да се уврдат. 

На крајот, министерот Манчевски даде сублимат на сите изнесени забелешки на Јавната расправа.

Click