Активности

Понеделник, 29 јули 2019 година

Јавна расправа по Предлогот на законот за основното образование

Комисијата за образование, наука и спорт на 34. Седница, одржана на 26 јули 2019 година, одржа Јавна расправа по Предлогот на законот за основното образование. Јавната расправа беше во функција на прибирање практични искуства и предлози за квалитетно нормирање на оваа дејност, пред второто читање на Предлог-законот за основното образование.

На расправата, покрај претставникот на предлагачот на законот - министерот за образование и наука и претставници на образовните институции во рамките на Министерството, присуствуваа: министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска; заменик-народниот правобранител; претставници на педагошките факултети, здруженија на наставници и директори и невладини организиции чиј домен е образовната сфера.

Беа поканети и присуствуваа претставници на меѓународните претставништва со седишта во Скопје и тоа: УНИЦЕФ, ОЕЦД, УСАИД, Светска банка, ОБСЕ, од Проектот ОБРАЗОВАНИЕ за вработување – Хелветас и други.

Воведен говор за Предлог-законот за основното образование имаше министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој го образложи процесот на подготовка и содржината на законот со посебен акцент на новите законски решенија во регулирањето на дејноста на основното образование.

На присутните им се обрати преставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс. Претставникот на оваа организација на ОН се задржа на наодите во оваа област остварени со соработка со ОЕЦД за детектирање на состојбите во основното образование. Во насока на оставрување на целта на реформата во оваа област, ја нагласи потребата од заедничка заложба на сите субјекти во обезбедувањето на квалитет во образованието на учениците, како и во стручност и мотивираност на наставниот кадар што се основа на една успешна реформа.

Со оценки за Предлог-законот во дискусијата се вклучија заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа и претставници на сите поканети органи, организации и невладиониот сектор. Најголем интерес во дебатата предизвикаа новите законски решенија за инклузивно образование, кои треба да придонесат за остварување на правата на учениците со посебни потреби.  

Click