Активности

Среда, 13 февруари 2019 година

Јавна расправа со низа предлози за надградување и усовршување на системот за извршување санкции

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на својата 62. седница одржа Јавна расправа по Предлог-законот за извршување на санкциите.

Со седницата претседаваше заменик-претседателот на Комисијата, Чедомир Саздовски, кој во воведното обраќање истакна дека денешната јавна расправа е само доказ дека Собранието нема игнорантски однос во врска со местото на казнено-правниот систем во државата и прашањето за остварувањето на загарантираните слободи и права на осудените лица.

Јавната расправа имаше за цел преку поширока дебата да се добијат предлози кои ќе донесат трајни решенија за надградување и усовршување на системот за извршување санкции.

Државни институции, невладини организации и други заинтересирани институции и здруженија релевантни во областа во која се донесува Предлог-законот, имаа пригода да ги искажат своите ставови, мислења, лични искуства и предлози во однос на истиот, со можност да се преточат во амандмани кои би обезбедиле ефикасно, функционално и применливо законско решение.

Беа изнесени различни и спротивставени мислења, па така заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, беше на став дека предложениот законски текст е подобар од постојниот, додека од друга страна пратеникот Трајчо Димков, на чиј предлог се одржува јавната расправа, рече дека ова е најлошиот текст досега.

Во преостанатите дискусии, меѓу другото, беше кажано дека е потребно унапредувањe на состојбите во затворските установи, нивно категоризирање, доекипирање и стручно надградување на кадарот. Понатаму, се укажа на потребата од спроведување наменски обуки, информирање за правата и должностите на затворскиот персонал, пристапот до правна помош и постапката за поднесување поплаки и претставки.

Беше упатен апел да се разгледа и состојбата со добивање на бенифициран стаж, промена во начинот на оценување, можноста за унапредување и достоинствени плати, регулирање на системот на казни и награди.

Факт е дека осудениците мора да се надградат за потоа да се ресоцијализираат и во тој правец да се работи на персоналот во затворските установи како еден вид педагози, затоа што степенот на човековиот развој се мери и со односот кон осудените лица. 

Click