Активности

Понеделник, 22 јули 2019 година

Јавна расправа:Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи 

Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонија денеска оддржа Јавна расправа на тема: Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија.

Покрај членовите и замениците членови на Комисијата на седницата беа поканети сите пратеници, Влада на РСМ, Претседател на РСМ, Министерството за правда, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Меѓуресорското тело за човекови права - Министерство за надворешни работи, Управата за извршување на санкции, Фондот за здравствено осигурување, директорите на казнено-поправните установи, претставници на затворската полиција, Народниот правобранител, Агенцијата за вработување, Центрите за социјална работа, Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Комисија за заштита од дискриминација, претставници на обвинителството и судството, Адвокатската комора, Комората на психолози, Државна комисија за спречување на корупцијата, потоа претставници од невладиниот сектор од оваа област: Фондација отворено општество - Македонија (ФООМ), Институт за човекови права, Хелсиншки комитет за човекови права, Институт за европска политика, Македонско здружение на млади правници, Коалиција сите за правично судење, Здружение ХОПС - Опции за здрав живот – Скопје, претставници на меѓународните организации: НДИ, ИРИ, ОБСЕ, УНДП, претставници на Делегацијата на ЕУ во РСМ и Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, како и поранешните судии во  Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова – Трајковска.

Врз основа на член 127 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот основаше работна група за посета на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија во состав: Фадил Зендели, Сашко Атанасов, Мирсада Емини - Асани, Трајчо Димков, Панчо Минов, Ирена Стефоска, Маја Морачанин и Слаѓана Митовска. За време на посетите пратениците беа придружувани од преставници на невладиниот сектор, и тоа: Слаѓана Марјановиќ Пановскa и Ана Ангеловска од НДИ, Сибел Амет од Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РСМ и Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Оваа група имаше за цел согледување на состојбите во кои се наоѓаат овие установи и предизвиците со кои се соочуваат, а како резултат на посетите беше свикана оваа јавна расправа со учество на сите засегнати страни заради утврдување на идните мерки кои би можеле да бидат преземени.

Во периодот од јули 2018 до јули 2019 година Работната група реализираше посета на три казнено-поправни установи: Затворот КПД Идризово, Затворот КПД Штип и  КПУ Затвор Охрид. Во рамките на посетата се реализираа средби со директорите на наведените казнено-поправните установи, вработените, но исто така се оствари и директен контакт со осудените лица. Согласно член 127 став 3 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, работната група подготви Извештај од посетите. 

Јавната расправа со образложение на Извештајот ја отвори претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели.

На расправата дискутираа пратениците Трајчо Димков, Мирсада Емини – Асани, Јагода Шахпаска и Панчо Минов, потоа Биљана Зефиќ од Управата за извршување на сакциите, Васка Бајрамоска Мустафа, заменик на Народниот правобранител, Феми Јонузи од КПД Идризово, Есад Рахиќ од КПУ Скопје, Наташа Бошкова од Здружението ХОПС, Сибел Амет од Хелсиншки комитет за човекови права, Петар Јорданоски од Совет на Европа, Ристе Недески од КПУ Затвор Охрид, Мики Тодоров од КПД Затвор Штип и Драган Крајовски од КПУ Затвор Куманово. 

На крајот од јавната расправа беше договорено констатациите од Извештајот да се доработат во заклучоци согласно изнесените забелешки и истите да се усвојат на првото продолжение на оваа седница.