Активности

Среда, 2 октомври 2019 година

Јавна расправа: Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на денешната Eдинаесетта седница одржа Јавна расправа на тема: Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици, на иницијатива на пратеничките Даниела Рангелова и Татјана Прентовиќ.

Покрај членовите и замениците членови на Комисијата на јавната расправа беа поканети пратеници на Собранието на Република Северна Македонија, претставници на Министeрството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, координаторките за еднакви можности на министерствата, локалните комисии за еднакви можности, градоначалниците, претставници на Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Институтот за родови студии, Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора, Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, потоа претставници на меѓународните организации, УНДП, Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (Un Women), ОБСЕ, НДИ, ИРИ, претставници на НВО секторот од оваа област, експерти, како и претставници на Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија и на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Седницата со воведно обраќање ја отворија претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова и пратеничката Татјана Прентовиќ,, по што се обрати и Елена Грозданова, државен советник за еднакви можности, Министерство за труд и социјална политика.

Свое излагање на темата имаа Николче Бабовски од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Андријана Велевска, државен советник за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Ивона Пауновиќ-Бишевац од UnWomen.

Во дискусијата се вклучија: пратеничките Мирсада Емини Асани и Ѓулумсер Касапи. и претставничките на невладиниот сектор: Марина, Нацка од Факултетот за земјодески науки и храна, Билјана Петровска –Митревска и Вангелина Пармачка од Националната федерација на фармери, Билјана Дуковска, Македонска платформа против сиромаштија, Неда Чаловска Димовска од We Effect -Шведкса фондација, Васка Мојсовска, претседателка на НФФ, Савка Тодоровска од НСРР, Џане Крешова од Здружение женски форум „Тетово“, Лидија Чолакова Дервишова, советничка од Велес и Ленка Угриновска од Асоцијацијата на жени менаџери “ЕЛИТ“.

По дискусијата беа донесени следниве заклучоци, кои ќе бидат доставени до сите засегнати институции и ќе биде побарано да постапуваат по нив:

  1. Подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој;
  2. Креирање на акциски план и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, односно препознавање на неплатениот труд на жените преку измена на законот што предвидува социјална пензија;
  3. Вклучување на родовата перспектива во креирање на мерки, политики и стратегии кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој; 
  4. Подобрување на достапноста на јавните услуги (здравствени, образовни, социјални услуги) за жените во руралните средини, кое е во согласност со Целите за одржлив развој;
  5. Измени на Законот за здравствено осигурување  со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци;
  6. Министерството за здравство неопходно е да отпочне инклузивен процес за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување  во кој ќе бидат вклучени и здруженијата на граѓани кои ги застапуваат руралните жени; До Комисијата за здравство да се упати предлогот за обезбедување на мобилни матични лекари и амбуланти.
  7. Да се развие стратегија за обезбедување на пристап до право на земјиште и сопственост на жени од рурални средини и да се усвојат мерки за заштита на нивната контрола врз сопственоста и ресурсите од земјиштето, вклучително и преку кампањи на подигнување на свеста за соочување со културни и традиционални модели кои спречуваат еднаков пристап и контрола на земјиште од страна на жените
  8. Поголемо вклучување на жените од руралните средини во креирањето на политики на локално ( преку комисиите за еднакви можности) и национално ниво. Да ги задолжиме локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите да одржат вакви јавни расправи ви соработка со UnWomen  и со централната власт и да ги промовираат мерките со цел поголема информираност на жените за искористување на планираните средства;
  9. Подобрување на сервисите за превенција и заштита од родово базирано насилство и нивната достапност за жените од руралните средини, вклучително и зголемен број на засолништа за жените кои преживеале родово базирано насилство на разумно растојание од руралните средини и услуги за советување и рехабилитација и пристап до медицинска и психолошка поддршка;
  10. Во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се формира посебно одделение, кое што ќе се занимава само со жените во руралните средини.



Click