Активности

Петок, 13 септември 2019

Јавна расправа за Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2018 година

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Десеттата седница одржа Јавна расправа на тема: Годишен извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2018 година.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа беа поканети сите пратеници на Собранието на Република Северна Македонија, министeрката за труд и социјална политика, координаторките за еднакви можности на министерствата, локалните комисии за еднакви можности, градоначалниците, претставници на Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Државниот завод за статистика, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, Агенцијата за вработување на РСМ, ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје, Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РСМ - ЗЕЛС, канцеларијата на Националниот механизам на жртви на трговија со луѓе при МТСП, Институтот за родови студии, потоа претставници на меѓународните организации, УНДП, Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), ОБСЕ, НДИ, ИРИ, ИОМ, претставници на НВО секторот од оваа област, експерти, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Седницата со воведно обраќање ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова, по што се обрати и Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика. 

Свое излагање на темата имаа Ѓултен Мустафова, раководителка на секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика, Биљана Стевкова од Министерството за одбрана, Татјана Симовска-Новковска од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Нада Пешева од Министерството за култура, Драгана Ќириќ-Трповска од Министерството за внатрешни работи и Елизабета Тодорова од Министерството за економија.

Во дискусијата се вклучија: пратеничките Мирсада Емини Асани, Јагода Шахпаска и Ивана Туфегџиќ и претставничките на невладиниот сектор:  Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Ирена Цветковиќ од Коалицијата Маргини, Марија Савовска и Соња Хаџи Николов од Акцијата Здруженска и Снешка Илиќ од Реактор.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Да го задолжиме Мистерството за труд и социјална политика, а тоа да ги задолжи другите министерства, да се доставуваат унифицирани извештаи, кои претходно ќе бидат усогласени со невладините организации и со пратениците

2. Да се зголемат финансиските средства за субвенционирање на жени претприемачки

3. Да се зголеми заложбата за  квотата 50% за жени на листи како за парламентарните така и за локалните избори 

4. Во најкус можен рок да се изготви подзаконски акт согласно Законот за основно образобвание, со кој ќе се уреди процедурата за пријавување и заштита на ученици и ученички од насилство

5. Да се воведе сеопфатно сексуално образование како задолжително и за предучилишна и за училишна возраст

6. Комисијата да ги задолжи сите градоначалници и министри да отворат ново, посебно работно место во систематизацијата за координатор, кој ќе се заанимава со прашањето за еднакви можности 

7. Во соработка со Клубот на пратенички да се организираат теренски посети на жени во текстилната и кожарската индустрија, како и на притворските оделенија и казнено-поправните установи во кои се сместени жени, поради забелешките на Народниот правобранител

8. Да се посвети внимание на улогата на патронажната служба и достапноста на жените до гинеколози во секоја општина

9. Комисијата да организира надзорна расправа за имплементацијата на  Законот за еднакви можности на жените и мажите

10. Да се зголеми присуството и учеството на мажите пратеници во работата на оваа Комисија.

Click