Активности

Четврток, 14 ноември 2019 година

Китев: Да се ограничи што е можно повеќе ширењето лажни вести

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Бетиан Китев, од 13 до 14 ноември престојува во Париз. За време на престојот тој учествува на работата на Мониторинг комисијата на Советот на Европа, како и на Конференцијата на тема: „Човековите права и демократијата во дигиталното време: како да се заштитат личните податоци и како да се одговори на онлајн говорот на омраза и дезинформациите?“, организирана од Делегацијата на Националното собрание на Република Франција во Советот на Европа.

Работата на Конференцијата беше поделена на три работни маси: Дигиталните права на граѓаните, нова граница за човековите права и дејствувањето на Советот на Европа; Европските демокрации соочувајќи се со лажните вести - како да се одговори на овој предизвик од страна на Советот на Европа и земјите членки;  Интернет борбата против говорот на омраза, сајбер криминалот и сајбер тероризмот.

Китев се обрати за време на втората работна маса. Во неговото обраќање, тој зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат државите поврзани со лажните вести. Притоа, Китев рече дека со развојот и лесниот пристап до дигиталните медиуми, пристапот до вестите никогаш не бил полесен и поевтин. Меѓутоа, подвлече тој, ваквиот позитивен развој е следен со непријатниот феномен на намерно ширење на лажни вести, како комерцијално или политичко мотивирана стратегија со цел на манипулација.

Понатаму, Китев рече дека дезинформацијата ја нарушува способноста на граѓаните за правилна одлука и ја намалува нивната доверба во институциите и во дигиталните и традиционалните медиуми. Со ова, продолжи тој, лажните вести ја имаат моќта да креираат лажна реалност што претставува закана за нашата безбедност. На крајот на неговото обраќање, Китев повика на заеднички напори, како претставници на законодавната власт, да се ограничи што е можно повеќе ширењето на лажните вести.

На Мониторинг комисијата, учесниците ги разгледаа извештаите на известителите за Турција, Албанија и Ерменија.

На маргините на Конференцијата, Китев оствари средба и со Жан Бизет, претседател на Комисијата за европски прашања на Сенатот на Република Франција.

На средбата, Китев ги наведе напорите и напредокот што нашата земја ги има направено во правец на започнување на преговорите за членство, истакнувајќи дека за нашата земја нема алтернатива освен полноправно членство во ЕУ. Тој побара од домаќинот да се заложи во напорите за измена на одлуката на Макрон.

Бизет, од своја страна, истакна дека и тие биле изненадени од одлуката на Макрон и во потполност не ја разбира. Во продолжение на средбата, Бизет зборуваше за можните мотиви за таквата одлука, меѓу кои го спомна и моделот на Европската Унија на концентрични кругови, во чиј центар би биле 19 членки кои се и во монетарна унија, а во другите кругови би биле други земји. Тој ја изрази подготвеноста за поблиска економска соработка меѓу Франција и Македонија.

Пратеникот Китев, при крајот на средбата, рече дека ние не сме против новиот модел на водење на преговори, но сме само за полноправно членство во ЕУ. Доколку и понатаму се одолговлекува овој процес, постои реална опаснист од засилување на влијанието на другите алтернативи.

Click