Активности

Четврток, 1 март 2018 година

Комисијата за култура во Националниот конзерваторски центар и Музејот на македонската борба за државност и самостојност

Во рамките на своите активности за посета на институциите и непосредно запознавање со нивниот статус, Комисијата за култура денеска оствари работна посета на Националниот конзерваторски центар и Музејот на македонската борба за државност и самостојност. На работната посета присуствуваа пратеничките Ирена Стефоска, Никица Корубин, Славица Шуманска Митева и Ѓулумсер Касапи.

На состанокот со Мемет Селмани, директор на Националниот конзерваторски центар, Валентина Поцевска, сликар и конзерватор советник и Цветанка Хаџи Пецова, архитект и конзерватор советник, Комисијата за култура се запозна со состојбата во која се наоѓа објектот, условите за работа и стручниот кадар со кој располага оваа институција. Еден од најголемите проблеми со кои се соочува Националниот конзерваторски центар е недостатокот од стручен кадар, бидејќи како стручна институција таа е одговорна за заштита на недвижното културно наследство за 36 општини на територијата на Република Македонија. Исто така, беше истакнато дека моменталното законско решение со кое се регулира статусот на вработените е несоодветен и има извесни недоследности, поради што е потребна ревизија и измена на актуелните закони од областа на културата.

При посетата на Музејот на македонската борба за државност и самостојност директорот Бранислав Светозаревиќ ја претстави работата на оваа институција која е отворена во 2011 година. Светозаревиќ посочи дека од отворањето до денес музејот го посетиле околу 300.000 гости. Со приходот кој го остварува од влезници и организирање комерцијални настани, музејот е способен да се самоодржува и да ги покрива своите тековни трошоци.Членовите на Комисијата за култура ја изразија својата посветеност за директна и отворена комуникација со институциите од областа на културата и заложба за подобрување на состојбите во истите, кое ќе биде во најдобар интерес на граѓаните.

Click