Активности

Четврток, 5 јули 2018 година

Комисијата за култура во посета на Музејот на албанската азбука и Завод и музеј - Битола

Во рамките на активностите за посета на институциите од областа на културата, Комисијата за култура, во состав Ирена Стефоска, Никица Корубин, Мирсада Емини-Асани и Весна Дамчевска-Илиевска вчера оствари работна посета на Музејот на албанската азбука и НУ Завод и музеј - Битола.

Директорот на Музејот на албанската азбука, г. Нуер Арслани, ги запозна присутните со работата на оваа институција, која е основана со одлука на Владата во 2009 година, со цел заштита, истражување, стручно и научно проучување на музејски предмети значајни за азбуката на албанскиот јазик.

Музејот располага со изложбен простор каде што се изложени музејски артефакти, етнолошки предмети и фотографии, како и спомен-соба на Комисијата на албанската азбука во која се претставени 11-те членови на Комисијата. Секоја година на 22 ноември во просториите на Музејот се одржува свечена академија по повод Денот на албанската азбука. Господин Арслани информираше дека Музејот располага со училница која е опремена со соодветена опрема каде што се спроведува образовна програма за децата од 5-то до 9-то одделение.

При посетата на НУ Завод и музеј - Битола, в.д. директорката Мери Стојанова истакна дека оваа национална установа е одговорна за повеќе објекти, и тоа: објектот Стара касарна, антички локалитет Хераклеја, Уметничка галерија Јени џамија, Спомен-куќа Гоце Делчев, Спомен-куќа Стив Наумов, Спомен-музеј на Татарчеви во Ресен, Меморијален музеј во с. Смилево и Културен центар Магаза.

Освен основната заштитна и музејска дејност, Музејот Битола спроведува повеќе активности, проекти и изложби, меѓу кои работилници со деца, работилници со лица со посебни потреби, а има изработено и тактилна публикација за мозаиците во Хераклеа во рамки на проектот „Ние во музеј“. Со оглед на обемот на работа на Завод и музеј - Битола, директорката Стојанова истакна дека оваа национална установа има потреба од нови вработувања, пред сè од стручен кадар.

Click