Активности

Вторник, 15 мај 2018 година

Културниот туризам предност за Македонија

На редовната Пролетна сесија на Парламентарниот комитет на ПД-ЦЕИ, која се одржа во Загреб, Република Хрватска, која воедно е и претседавач со ЦЕИ  оваа 2018 година, учествуваше и делегацијата на ПД-ЦЕИ на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Фадил Зендели и членот на Делегацијата, пратеничката Мирсада Емини-Асани. 

Тема на конференцијата беше ,,Развој на одржливиот туризам“. Во работниот дел на конференцијата свое учество имаше и пратеникот и шеф на делегацијата, Фадил Зендели. 

Тој во своето обраќање на темата околу одржливиот туризам, потенцираше неколку клучни точки од нашата „Стратегија за развој на туризмот 2016-2021“ и изрази надеж дека во голема мера дел од овие стратегии ќе бидат реализирани во периодот пред нас. 

Претседателот Зендели се задржа и даде една кратка анализа на моменталната состојба во контекст на развојот на туризмот во Република Македонија, за процентот на учество и важноста на туризмот за националната економија, за потребата од зголемување на бројот на вработени луѓе во туристичката дејност и за многу други параметри кои ја отсликуваат моменталната ситуација и кои се важни  за развојот на модерниот и одржлив туризам. 

„Во отсуство на пристап до море, Република Македонија располага со многу историски места и археолошки локации кои се дел од нашето културно наследство и претставуваат интегрален дел на нашиот стратешки развој за одржлив туризам и убедени сме дека развојот токму на оваа гранка на културен туризам што ни го овозможува нашето богато културно наследство, е голема предност како за Република Македонија, така и за Регионот“, заврши на крајот претседателот Зендели.

На крајот на конференцијата беше заеднички заклучено дека развојот на туризмот има голема важност за земјите од целиот регион и пошироко, како и за националните економии, и во таа насока беше и усвоена „Заедничката изјава за одржлив туризам“, на земјите членки на ПД-ЦЕИ, дополнета со два амандмана од страна на Италија и Романија.

Click