Активности

Вторник, 20 ноември 2018 година

Културното наследство - клучен сегмент во дефинирањето на културата и цивилизацискиот развој 

На покана од Европскиот парламент, претседателката на собраниската Комисија за култура, Ирена Стефоска, учествуваше на интерпарламентарен комисиски состанок на тема „Европско културно наследство“ што се одржа во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија. Пратеничката Стефоска имаше свое обраќање на тема „Културното наследство во Република Македонија: основа за иднината“.

Таа потенцираше дека културното наследство е клучен сегмент во дефинирањето на културата и цивилизацискиот развој на македонското општество. Потребни се реформи во заштитата  на културното наследство,  истовремено со пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија, што секако ќе бара прилагодување кон европската регулатива и практики во заштитата. Тоа подразбира подигнување на свеста за значењето на културното наследство, зголемување на капацитетите на институциите и на стручните кадри, и вклучување на севкупната јавност. За процесот да биде ефикасен, целисходен и релативно брз, потребно е поголемо  отворање на земјата кон светот, односно законски дозволен влез на странски, школи, институти и други форми на едукација, соработка и заемно делување.

На пленарната седница со свои обраќања учествуваа претставници од Директоратот за образование, спорт и култура при Европската комисија, генералниот секретар на Europa Nostra, претседателот на Европската конфедерација на организации за конзервација и реставрација, како и претставници од повеќе национални парламенти на земјите членки и земјите кандидати на Европската Унија.

Click