Активности

Понеделник, 4 ноември 2019 година

Локвенец - Муре: Нема друг формат освен полноправно членство во ЕУ

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, денеска оствари средба со Елен Конвеј-Муре, заменик-претседател на Сенатот на Република Франција и член на Комисијата за надворешни работи во францускиот Сенат.

На средбата, од македонска страна беа присутни и членовите на Комисијата: Ејуп Алими, Реџеп Мемеди, Емил Димитриев и Емилија Александрова, додека француската делегација беше во придружба на амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Криситан Тимоние.

Претседателот на Комисијата, Локвенец, во своето воведно излагање посочи дека му е исклучително драго што во највисокиот демократски дом, може да покаже гостопримство на високи гости од пријателска Франција. Притоа, упати благодарност за отпочнатиот процес на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, кој би требало да биде финализиран до крајот на месецот во Националното собрание на Франција.

Оваа средба е во еден важен момент за земјата по одлуката за одложување на почеток на преговорите со Европската Унија – посочи Локвенец. Тој уште еднаш ги истакна реформските процеси, борбата против корупцијата, транспарентноста, како и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Потпретседателката  на Францускиот сенат, Муре, истакна дека навистина ги знаат сите храбри реформи кои државата ги спроведе, тие се историски чекор во поглед на дипломатската стабилизација со соседите.

Муре рече дека доаѓа во еден деликатен момент за Французите во земјава, но овој период треба да се сфати како транзиционен, кој кратко ќе трае, Франција ќе достави предлози за измени на внатрешната процедура во однос на проширувањето до Европската комисија. 

Како член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност, Муре ја поздрави одлуката за повторно назначување на воено аташе, со што се продлабочува билатералната соработка, обука на припадниците на Армијата, соработка и размена во сферата на разузнавањето. ЕУ не e само правила, туку и сојузништво каде се споделуваат искуства.

Двајцата соговорници се согласија дека освен полноправно членство на земјата во Европската Унија, друга алтернатива нема ни во форма, ни во содржина.

На крајот од средбата, потпретседателката Муре упати покана до делегацијата за возвратна посета во Франција.

Click