Активности

Петок, 10 ноември 2017 година

Национална конвенција за Европската унија во Република Македонија

Вчера, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, учествуваше  на отворањето на Првата  пленарна конференција на Националната  конвенција за Европската унија во Република Македонија, заедно со министерот за надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Димитров,  заменик-претседателот за европски прашања  на Владата на Република Македонија, г. Бујар Османи, амбасадорот на САД во Република Македонија Н.Е. Џес Бејли, шефот за политички, правни и внатрешни работи, информација и комуникација од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија,  г. Лукаш Холуб, и заменикот-министер за надворешна политика на Словачката Република, г Иван Корчок.

Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, е двегодишен проект  за зајакнување на  демократијата и демократските институции во Македонија на патот кон ЕУ членство, во организација на  Европското движење на Република Македонија, а поддржан од  Владата на Словачката Република и Владата на САД. 

На Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби имаше воведно излагање:

Почитуван министер за надворешни работи, г.Димитров,

Почитуван заменик претседател на Владата на Република Македонија г. Бујар Османи,

Почитуван г. Корчок, заменик-министер за надворешни работи на Словачката Република, 

Почитуван амбасадор на САД во Република Македонија, г. Бејли,

Почитуван г. Холуб од Делагацијата на ЕУ во Република Македонија,

Почитувани гости и пријатели,

Ми претставува особена чест да го претставувам Собранието на Република Македонија на овој респектибилен Форум во знак на целосна поддршка на почетокот на овој навистина значаен проект во насока на создавање на Национална конвенција за Европската унија во Република Македонија, поддржан заеднички од страна на Владата на Словачката Република и Владата на САД. 

Помошта и поттикот од нашите пријатели во САД и Европската унија во ниту еден миг не недостигала, дури и во најтешките времиња за нашата земја, вклучувајќи ја и последната длабока политичка криза којашто ја надминавме заеднички, но, во овие моменти на враќање на довербата во нашите капацитети и определби, по стабилизирачкиот краток процес и одржувањето на кредибилни избори што ги потврдија тие определби, дојде времето за испорака на тоа што нашите граѓани и партнери го очекуваат од нас без ниту едно оправдување или задоцнување.

Македонија, и сите ние, добивме втора шанса и треба да ја искористиме на тој начин што мора да се воспостават демократски институции што ќе го гарантираат владеење на правото, независноста на институциите, одговорноста и еднаквоста на сите пред словото на законот.

Ние во Собранието на Република Македонија сме подготвени и цврсто решени да обезбедиме сеопфатност во реформите и да обезбедиме нивно вградување во системот и со тоа да изградиме сопствено досие, кое треба да донесе успех во градење на општество и институции од доверба од сите нас, успех во владеењето на правото, успех во борбата против организираниот криминал и корупцијата, градење на мостови со нашите соседи и да говориме еден со друг наместо еден за друг, и со сето тоа, конечно отворање и забрзување на пристапниот процес како и отклучување на бравата од вратите на новото седиште на НАТО за мојата држава.

Промените коишто нашите граѓани ги бараат, промените коишто нашите партнери ги очекуваат и промените коишто ние сме ги ветиле и треба денес да ги испорачаме, треба да ги вклучат сите интересни групи преку отворање дебата за сите прашања со сите клучни актери. 

Тоа е единствениот начин не само за унапредување на владеењето на правото и за градење сопствена визија за тоа каква земја членка сака да биде Република Македонија, туку и за постигнување на одржливи и општоприфатливи решенија.

Лани на 11 декември, но и годинава на 15 октомври во Македонија, навистина се роди ново сонце, сонце на слободата, но јас, и сите ние сме решени тоа сонце да биде сонце на еднаквоста, сонце на одговорноста, сонце на евроатлантска Македонија.

Ова сонце што ја разбуди јавноста, заедно со постојаната помош од нашите искрени пријатели и поддржувачи во Вашингтон и Брисел, треба целосно да го искористиме преку примена на реална и прагматична политика кон соседите и кон процесот на пристапување. 

За реализација на оваа цел исклучително е важно не само градењето на националната агенда и јасно утврдување на подготвеноста на државата во исполнувањето на критериумите за членство како и барање недвосмислена поддршка од комисијата, туку и исполнување и имплементирање на оваа агенда.

Досега Европската унија, преку нејзините институции и земји членки, активно ги поддржуваше напорите и процесите на Владата за враќање на земјата на европскиот пат. Од друга страна, активно треба да се застапува европската агенда на Македонија, за нејзино вклучување во Патоказот на Европската Унија за интегрирање на земјите од Западен Балкан најдоцна до 2025 година. Само јасен сигнал за поддршка на понатамошната нормализација на политичкиот амбиент може да доведе до внатрешно консолидирање на сопствените ресурси и преточување на реформските процеси во пракса.

Духот на проектот којшто денес го промовираме, ние во Собранието, и посебно во Комисијата за европски прашања, се обидуваме да го реализираме во секојдневната работа. Оваа комисија треба да го следи спроведувањето на сите реформски закони кои произлегуваат од Реформскиот план на Владата. За да постои еден силен и независен парламент, контролната улога на комисијата во однос на Владата мора да биде ефективна и силна, и јас и моите колеги пратеници сме подготвени тоа и да го реализираме.Потпирајќи се на фактот дека сите парламентарни политички партии во своите програми ги поддржуваат реформите, ние, Комисијата за европски прашања се обидуваме да ја надградиме во консензуално реформско тело, во која сите одлуки ќе се обидеме да се носат консензуално.

Досега, на сите седници на комисијата на кои се дебатираше за различни прашања околу европската агенда, одлуките, барем досега, беа донесени без ниту еден глас против. 

Како учесник на Пржинските преговори, чувствував одговорност да го започнеме реформскиот процес со првиот формален производ за којшто се заложивме заедно, а тоа е Декларацијата за забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, којашто беше донесена едногласно и консензуално. Сите 26 членови и заменици се потпишаа на оваа Декларација, во присуство на цивилното општество, медиумите како и меѓународната заедница, и ја поднесоа до Собранието.

Токму работата на комисијата е одличен пример за тоа како може да се гради консензусот меѓу сите, да се развива политичкиот дијалог на транспарентен начин, да се вклучат сите општествени чинители.

На крај, Ви благодарам за отстапениот простор, ви благодарам за поддршката и посакувам успех за сите нас при исполнувањето на нашата заедничка цел, исполнување на нашите домашни задачи и зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Click