Активности

Среда, 15 мај 2019 година

Надежта на демократијата е во рацете на жените

Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија одржа работна средба со новиот претседател на Национален Демократски Институт од Вашингтон,  г. Дерек Мичел, во негова придружба беше  и  г. Роберт Бенџамин, регионален директор на НДИ за Централна Источна Европа.

Целта на средбата беше претседателот Дерек како поддржувач на работата на Клубот на пратенички да дискутира  со пратеничките  за: досегашните активности, достигнувања и искуства од работата; за поддршката од НДИ, и идните планови.

На работната средба покрај членовите на претседателството на Клубот на пратенички, присуствуваа: г. Крис Хеншоу, директор на НДИ за Република Северна Македонија;  Александра Цветковска, виша менаџерка на програми на  НДИ Македонија; генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова; а поканети беа и  сите пратенички  на Собранието на Република Северна Македонија.

Средбата ја отвори претседателката на Клубот на пратенички, г-ѓа Ѓулумсер Касапи со воведно обраќање. Во своето обраќање претседателката искажа благодарност за безрезервната поддршка од страна на НДИ уште од самиот почеток во 2003 година во  остварувањето на целта на Клубот на пратенички, за унапредување на статусот и положбата на жените и воспоставување на еднакви можности на жените и мажите. 

Таа истакна дека од особена важност е да се напомене периодот веднаш по почнувањето на  нејзиниот мандат како претседателка на Клубот, кога поддршката од страна на НДИ беше клучна во надминувањето на  тешките моменти.  Во периодот кога Македонија минуваше низ избори,  крајот на декември и почетокот на јануари, кога имаше голем прашалник дали и кој ќе ја формира Владата – едно чувствително време  на поларизација во кое жените парламентарки први се собраа заедно и со заеднички ставови надминувајќи ги бариерите на политичките партии допринесоа во напредувањето на Македонија во овој процес и можноста на политиката да си ја заврши својата работа. Токму жените, тогаш беа тие што одржувајќи го Клубот на пратенички активен, работеа заедно и покрај предизвикувачките услови, успешно ги обединија сите политички партии.

Своето обраќање Касапи го заврши со дел од најновите достигнувања на Клубот, и нагласи дека и во индина заедно со поддршката од НДИ, ќе се стреми кон остварување на стратешките цели  продолжувајќи заедно да се бори  со  сите жени од регионот, затоа што на регионот жените му се потребни за промени на целокупниот политички амбиент.  Големо задоволство за средбата изрази и претседателот на НДИ, г. Дерек Мичел истакнувајќи дека е чест да се видат на едно место жените членови на сите политички партии кои оставајќи ги на страна партиските интереси работат на надпартиски линии за националните интереси на државата. Тој истакна дека НДИ го поддржува развојот на демократијата ширум светот и дека не можеме да имаме демократија без жените, ако тие се оставени на страна или дискриминирани бидејќи жените се половина од целата популација и  ако нема демократија не може да се реализира целиот потенцијал на земјата. Тој укажа и на фактот  дека во многу демократии ширум светот  и во многу политички системи истите актери ги прават истите работи на ист начин и понекогаш тоа може да биде во ред, но мора да се отворат системите за нови перспективи и потребно е жените, младите луѓе, младите жени да бидат вклучени за да навистина се постигне напредок во општеството. На крај истакна дека НДИ сака да биде партнер во оваа заложба за родова еднаквост  со својата поддршка и солидарност.

Регионалниот директор на НДИ, г. Роберт Бенџамин се надоврза со тоа што истакна дека  она што НДИ го прави за родовата еднаквост и женското лидерство не е само норма туку веќе е преточено во пракса. Тој констатираше дека жените лидери не само  што бараат да имаат влијание на политичките процеси преку своите позиции туку го користат своето лидерство за да ги изменат процесите, да го реформираат системот и да овозможат поголема родова еднаквост. Токму поради тоа НДИ ја поддржува и ќе продолжи и понатаму да ја поддржува работата на Клубот на пратенички.

Во текот на средбата се разви дискусија  во која пратеничките споделија свои ставови и мислења за насоката по која треба да се движи Клубот на пратенички. 

На крајот од средбата Дерек Мичел горд на текот на дискусијата, и инспириран од  сплотеноста на парламентарките истакна дека не би можел да ги замисли мажите вака сплотени на едно место и дека надежта на демократијата е во рацете на жените.

Click