Активности

Вторник, 22 мај 2018 година

Надзорна расправа на Комисијата за култура за управувањето со Охридскиот регион

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија денеска одржа надзорна расправа на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство“.

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Ирена Стефоска, во воведното образложение истакна дека целта на оваа надзорна расправа е да се добијат информации и стручни мислења во врска со спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и други активности поврзани со управувањето со Охридскиот регион. Стефоска потсети дека Охридскиот регион е едно од само 35-те светски наследства заштитени од страна на УНЕСКО и како природно и како културно наследство. Надзорната расправа, прва во овој парламентарен состав, е иницирана од парламентарното мнозинство, но одлуката за нејзино спроведување е едногласно усвоена од страна на сите членови на Комисијата за култура.

Надзорната расправа ќе се одржи во три сесии, при што се очекува од сведоците да се добијат одговори, информации и стручни мислења во врска со спроведувањето на јавните политики во управувањето со Охридскиот регион, а во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство и нејзино целосно транспонирање во македонското законодавство.

Во денешната расправа со свои искази учествуваа: г. Роберт Алаѓозовски, министер за култура; г. Садула Дураку, министер за животна средина и просторно планирање; г. Горан Сугарески, министер за транспорт и врски; г. Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид; г. Рамис Мерко, градоначалник на општина Струга; г. Зијадин Села, поранешен градоначалник на општина Струга; проф. д-р Донка Барџиева, експерт во заштитата на културното наследство и член на Комисијата за управување со Охридскиот регион и Александра Бујароска од НВО Фронт 21/42.

Комисијата за култура ќе ги разгледа добиените информации, мислења и документи и врз основа на нив ќе донесе заклучоци, по кои се очекува соодветните надлежни институции да постапуваат.

Click