Активности

Понеделник, 27 август 2018 година

Надзорните расправи клучна алка за развој на демократско општество

Претседатели и заменик-претседатели на Комисиите од Собранието на Република Македонија остварија средба со членови на Конгресот на Соединетите Американски Држави.

Конгресменот Бил Флорес ја истакна одличната соработка меѓу Република Македонија и САД во областа на безбедноста и соработката меѓу двете армии. Тој информираше дека Конгресот на САД е целосно независен од другите власти, бидејќи ги создава законите, организира и одржува надзорни расправи и се грижи за финансиската независност. Конгресот има календар на надзорни расправи, а повиканите сведоци се обврзани да присуствуваат.  

Од македонската страна беше посочено дека е неопходно менување на законската регулатива, со цел зајакнување на надзорниот механизам и по урнекот на американскиот Конгрес, повиканите институции и сведоци задолжително да присуствуваат на надзорните расправи во Парламентот. Најважно е, рекоа, да се врати довербата во институциите, дека законодавниот дом мора да е отворен и отчетен бидејќи само отворени институции можат да работат на демократско општество. Собранието веќе има подготвено образец за извештај кој треба да го достави секоја институција која е под негов надзор, со цел хоризонтална и вертикална контрола на системот. 

Присутните ја потенцираа важноста на организирање на надзорни расправи, особено со оглед на фактот што овој пратенички мандат досега има организирано само една надзорна расправа и тоа од Комисијата за култура насочена за заштита на Охридскиот Регион.

Исто така, гостите беа запознаени со подготовките и значењето на претстојниот реферундум на државно ниво и постоењето консензус за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

На крајот од средбата, конгресменот Флорес ја истакна подготвеноста на САД да продолжат да бидат стратешки партнер на Репубика Македонија.

Click