Активности

Недела, 26 август 2018 година

Наградата „Мајка Тереза“ во рацете на Ленче Здравкин и Омер Калеши

Во Собранието на Република Македонија денеска им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ за 2018 година на активистката Ленче Здравкин и сликарот Омер Калеши.

Добитниците, беше речено, се препознатливи по својата хуманост, солидарност и љубов кон човекот, без разлика на вера или етничка припадност.

Ленче Здравкин, позната како „Ангелот од Велес“, широко ги отвори вратите на својот дом за илјадници мигранти. Омер Калеши, во своите 600 слики, ги обединува трите држави - Македонија, Албанија и Турција, а особено е ценет во Франција. Космополитскиот дух го прави посебен како човек и уметник и е инспирација за многу уметници. 

Ленче Здравкин,  обраќајќи се во свое и во име на Калеши, рече дека со ова е наградена цела Македонија. 

Наградата„Мајка Тереза“ се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Наградата се доделува од 2006 година на 26 август – денот на раѓањето на Мајка Тереза.

Click