Активности

Четврток, 14 ноември 2019 година

Напредокот на сексуалните и репродуктивните права започнува со еманципација на жените

Пратеничките Јагода Шахпаска и Лилјана Поповска и генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка Цветанка Иванова, како претставнички од Собранието на Република Северна Македонија, од 12 до 14 ноември 2019 година учествуваа на Самитот на Фондот за население на Обединетите нации, што се одржува во Најроби, Кенија.

Во рамките на Самитот, кој се фокусираше на реафирмација на заложбите од  агендата на Меѓународната конференција за население и развој и забрзување на спроведувањето на нивната акциска програма, се одржа тридневен Парламентарен форум, на кој учествуваа актуелни и поранешни пратенички од целиот свет, кои работат на промоција и на унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права.

Македонските претставнички, како моментални и поранешни членки на Интерпартиската парламентарна група за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје и права, која постои во Македонското собрание од 2012 година, имаа можност да ја презентираат успешната македонска приказна на планот на родовата еднаквост, елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, вклучително и семејно насилство.

Беше истакнато дека напредокот на сексуалните и репродуктивните права започнува со еманципација на жените. Токму затоа, во Македонското собрание пред 16 години беше формиран Клубот на пратенички, кој беше клучен за носење на повеќе законски решенија, како што се законите за родови квоти, бесплатни скрининг-тестови за рано откривање на рак на дојката и грлото на матката, борбата против семејно и родово базирано насилство, детски бракови, намалување на новороденечка и мајчина смртност.

На Парламентарниот форум, пратеничките Шахпаска, Поповска и генералната секретарка на Собранието Иванова информираа дека во Собранието е формирана и групата за борба против ХИВ - СИДА, а од пред три години постои и група за правата на ЛГБТИ лицата. Овие групи лобираат и се залагаат за носење на закони, мерки и обезбедување на буџетски средства за оддржливост и реализација на предвидените превентивни програми и мерки.

Во насока на заштита на правата на жената, во Македонското собрание беше ратификувана Истанбулската конвенција, Законот за спречување на дискриминација и Законот за абортус, кој ѝ дава на жената право на избор.

На крајот на Форумот беа усвоени заеднички заложби на земјите учеснички за достигнување на ТРИ НУЛИ, односно до 2030 година да има нула мајчина смртност, нула родово базирано насилство и штетни практики и нула новороденечка смртност. 

 

Click