Активности

Вторник, 28 јануари 2020 година

Новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство на јавна расправа во Собранието

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на денешната 107. седница, одржа Јавна расправа на тема: „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“.

Со Јавната расправа претседаваше претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски, кој истакна дека во последните децении правосудниот систем во земјава не функционира идеално и токму затоа заеднички треба да се изгради сериозно законско решение кое ќе гарантира ефикасен процес во Јавното обвинителство и ќе обезбеди правда и праведност.

Драфт-верзијата на Предлог-законот за Јавно обвинителство ја образложи министерката за правда, Рената Дескоска, која притоа информира дека истата се подготвувала долг временски период во Министерството за правда, со домашни и странски експерти, со начела засновани на меѓународни стандарди. Таа упати апел да се дадат предлози и сугестии за дополнување на Предлог-законот, кои ќе бидат разгледани во работната група и ќе бидат земени предвид, сѐ со цел придонес во владеењето на правото.

Законите ги носат политичарите, но се носат за граѓаните - рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, и токму затоа е потребен силен закон за Јавното обвинителство, усогласен со законодавството на ЕУ. Како критериуми за оцена на работата на јавните обвинители ги наведе: стручноста, квалитетот, ажурноста, ефикасноста, непристрасноста, совесноста, угледот, етичноста. Во продолжение, Јовески ги повика пратениците да ги поддржат решенијата од овој Предлог-закон и оние кои ќе бидат вградени по оваа јавна расправа.

Претседателот на Советот за јавни обвинители, Ацо Колевски, од своја страна, се задржа на оние делови од Драфт-верзијата на Предлог-законот кои го засегаат самиот Совет, односно на некои недоречености, но даде поддршка на потребата од носење на истиот.

Меѓу дискутантите, свои конкретни забелешки по Драфт-верзијата на Предлог-законот даде професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, која беше децидна дека истиот треба да оди на Венецијанска комисија и не може да се носи по скратена постапка. Во голем дел со нејзините забелешки се сложи и Владо Камбовски, како претседател на Комисијата која ја изработуваше оваа Драфт-верзија на Предлог-законот. Тој беше дециден дека Собранието се наоѓа во позиција кога мора да го донесе овој закон, дури и по цена на одложени избори, затоа што без владеење на правото нема перспектива за земјата и тоа е суштествен услов за европска интеграција.

Поради големиот интерес за темата на оваа јавна расправа, истата продолжува и во текот на утрешниот ден.

Click