Активности

Сабота, 27 јули 2019 година, Битола

Обраќање на потпретседателот Горан Мисовски на отворањето на 49. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

Дами и господа,
Екселенции,
Почитувани присутни,
Почитувани изведувачи,
Драги пријатели љубители на народната музика и игра,

Дозволете од име на претседателот Џафери и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да кажам дека сум почестен и ми претставува лично задоволство што вечерва ќе бидам дел од отворањето на 49-тиот Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, или популарно „Битфест“. Особено сум горд што Собранието на Република Северна Македонија е покровител на овој традиционален и долговечен настан и сакам да ве уверам дека тоа ќе продолжи да биде така и понатака, затоа што веруваме дека Собранието - домот на граѓаните е природен дел од секојдневието на граѓаните, и во добрите и во лошите мигови, и кога се пее и игра, и тогаш кога се тагува и жали.

Исто така, би сакал да им честитам за посветеноста и несебичниот ангажман на раководството и службата на Националната установа „Центар за култура - Битола“, кои што доследно и верно го чуваат аманетот оставен од бројните знајни и незнајни народни уметници кои го создавале тоа богатство како дел од светското културно наследство. Вашата мисија е благородна и таа заслужува моја почит.

Секако, во оваа прилика имам морална обврска мојата почит и благодарност да ви ја изразам на сите Вас - учесници на овој фестивал, дојдени тука со една единствена цел, во наредниве фестивалски денови, преку своите песни и игри да ја пренесете универзалната порака на прифаќање и почитување на различностите. Вие сте вистински амбасадори на културата на еден народ. Тоа го правите на еден нетипичен, сепак толку универзален јазик, односно, преку преплетување на културните мемории на земјите од кои доаѓате, преку спецификите на ритамот и мелосот, разиграното шаренило на автентичните везови и фолклорни детали.

Оваа сцена всушност ќе биде вистински пример за културното разбирање помеѓу народите. Затоа што преку фолклорот се изразува културното богатство на еден народ, тој ја чува во себе историјата на еден народ, со сите нејзини приказни, страдања и славења, љубови, успеси и разочарувања. Преку песната и играта се овековечуваат моментите за потоа да живеат вечно. Имаме одговорност кон младите генерации  да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри и да бидат горди на својата посебност затоа, да го чуваме и промовираме овој и сите други фестивали од овој вид. 

Почитувани присутни,

Убеден сум дек Широк сокак, како што вели и самиот назив, широко ќе ги отвори прегратките за да ги прими во себе сите љубители на народните песни и игри и звукот на нивните потпетици по убавата калдрма уште долго време ќе одѕвонува во ноќта . Со убави мисли и желби, драги пријатели, го прогласувам 49-тиот Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ за отворен.

Ви благодарам и имајте убава вечер.

Click