Активности

Четврток, 5 јули 2018 година, Охрид

Обраќање на потпретседателот Весел Мемеди на отворањето на 57. Балкански фестивал на народни песни и игри

Дами и господа, 
Почитувани пратеници,
Почитуван заменик-министер, 
Почитуван градоначалник на општина Охрид,  
Екселенции, 
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели, љубители на народната песна и оро,

Дозволете ми на почетокот, како претставник на претседателот на Собранието на Република Македонија, господин Талат Џафери, да ги поздравам сите присутни, а посебно нашите гости, играорците од регионот кои учествуваат на годинешниов, 57. Балкански фестивал на народни песни и игри. 

Балканскиот фестивал на народни песни и игри со својата респектабилна историја и секако заедно со град Охрид, пречекал над педесет илјади играорци, пејачи и инструменталисти, не само од регионот туку буквално од цел свет. Токму затоа, овој фестивал денеска е препознатлив на глобално ниво и е член на неколку меѓународни фолклорни асоцијации, меѓу кои и на Меѓународната организација за фолклорна уметност, IOFA.

Почитувани пријатели,

Песната и фолклорот не познаваат граници, не познаваат идеологија, тие се универзална категорија и значаен дел на културното наследство на секој народ посебно, но и на човековата цивилизација во целост. Ние овде во регионот, преку песната и фолклорот  знаеме да се радуваме, но исто така ја изразуваме и нашата тага. Со еден збор, преку песната ја отвораме нашата душа кон секого и преку песната го прифаќаме другиот, различниот. Познатото оро „Тешкото“, не верувам дека може да остави кого било рамнодушен, без разлика дали се игра овде или на другата страна на глобусот. Зарем  не е прекрасно да се гледа заводливиот танц на младото момче и девојка кои ја играат познатата „Шота“? Тешко се воздржуваат чувствата кога ја слушаме црногорската гусла, грчкото бузуки или босанските севдалинки, или гледаме како се игра српското коло или словенечката полка. Сето ова само ја потврдува универзалноста на народната музика, на народните песни и народните танци, кои ете, сме успеале да ги сочуваме и да ги пренесеме на младите поколенија. 

Дами и господа, 

Верувам дека следниве денови сите ќе уживаме во програмата на фестивалот. Верувам дека, како и досега, градот Охрид и неговите граѓани ќе се покажат како добри домаќини и се надевам дека нашите гости ќе уживаат во убавините на Охридското Езеро и во богатата културна програма за со себе да понесат убави спомени, меѓутоа и дел од духовното богатство  на Охрид и Македонија.
Со ова почитувани пријатели, почитувани учесници, присутни гости, го прогласувам за отворен 57. Балкански фестивал на народни песни и игри,

Ви благодарам на вниманието и Ве поканувам заедно да уживаме! 

Click