Активности

Петок, 24 мај 2019 година

Обраќање на пратеникот Бетиан Китев на дебата за набљудувањето на претседателските избори

Пратеникот Бетиан Китев на состанокот на Постојаниот комитет во Париз на кој учествува во функција на шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, се обрати пред пратениците на дебатата за набљудување на претседателските избори во Северна Македонија.

По претставувањето на Извештајот на Aд хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од страна на Мари Кристин Далоз, од Франција, член на Европските народни партии, која ја предводеше мисијата во двата изборни круга, Китев ѝ се заблагодари на известителката за објективниот Извештај.

Цитирајќи го текстот на Извештајот во кои се наведува дека во двата круга од претседателските избори во Северна Македонија, изборната администрација ја изврши својата работа непристрасно и организираше избори во кои граѓаните во мирна и демократска атмосфера имаа можност слободно да ја изразат својата волја, Китев нагласи дека со изборот на кандидат зад кој застана владејачката коалиција, граѓаните го потврдија евроатлантскиот пат на земјата.

Тој накратко да ги информира членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа за најновите случувања во Северна Македонија, за затворањето на сите отворени прашања со соседите и значителниот придонес кон регионалната  соработка, стабилност и безбедност, како и за силната посветеност на спроведување на реформи од витално значење за земјата и изрази надеж дека постигнатиот напредок ќе биде признаен и дека Мониторинг комисијата во блиска иднина ќе претстави извештај со предлог за затворање на постмониторинг дијалогот со Северна Македонија.

Во текот на размената на мислења со министерот за европски прашања Амели де Моншалан од Министерството за надворешни работи и Европа на Француската Република, Китев ги поздрави приоритетите на претседателството на Франција во годината кога се одбележува 70-годишнината на Советот на Европа и залагањата за консолидирање на достигнувањата во изминатите 70 години и справувањето со нови предизвици и ја искористи можноста да праша дали Северна Македонија, откако постигна компромис за името со Грција и постигна напредок на реформите во клучните области, може да смета на поддршката на Франција за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ ова лето. Поздравувајќи го постигнувањето на договорот со Грција, Моншалан истакна дека сите држави во Европа заслужуват партнерство со цел да бидат дел од обединета Европа.

На состанокот беа усвоени извештаите за партнерството за демократија во однос на Парламентот на Мароко, загадувањето на воздухот и јавното здравје, одржливиот урбан развој и социјалното вклучување, здравствените потреби на адолесцентите во Европа, образованието и културата.   

Click