Активности

Петок, 7 јули 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на 56. Балкански фестивал на народни песни и игри 

Дами и господа,
Почитувани пратеници,
Почитуван министер ,
Почитуван градоначалник на општина Охрид,  
Екселенции, 
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели, љубители на народната песна и оро,

Вечерва тука, заедно со вас сме дојдени за да ја отвориме оваа прекрасна манифестација, 56. Балкански фестивал на народни песни и игри. Оваа величествена прослава на фолклорот, која што е најстара од овој вид на овие простори, на успешен начин ги претставува и афирмира културното наследство и достигнувања на земјите и народите од каде што доаѓаат учесниците во изминативе 56 години.

Звучи импозантно, меѓутоа факт е дека на овој фестивал досега учествувале над педесет илјади пејачи, играорци и инструменталисти од земјите од сите континенти како Македонија, Албанија, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Холандија, Германија, па сè до ансамбли  од Австралија, САД  Канада, Малезија, Мексико, Костарика, Нигерија и други кои својата волшебна игра и песна ја сплотиле со магијата на овој прекрасен, антички Охрид, се разбира и со неуморниот ангажман на вработените во Центарот за култура „Григор Прличев“, кои се организациската структура на овој настан.  

Почитувани пријатели,

Денес, музиката, фолклорот и игрите  се универзална цивилизациска категорија, односно дел од светското културно наследство. Меѓутоа, во исто време, тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет. Вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. 

Драги гости,

Преку народната песна и фолклор, народите во нашиот регион  ја изразувале радоста, тагата, скриените чувства, односно ја отворале својата душа. Па, зарем може човек да остане рамнодушен на познатото оро „Тешкото“ чија што музика и игра се вградени во идентитетот на македонскиот народ? Зарем може да се одолее на кокетното танцување на младото момче и младата девојка во познатата „Шота?!“ Или познатото сиртаки? Па зарем не ја чувствуваме сите страста со која се игра? Карактеристично за нашиов Балкански регион и за нашите балкански народи е тоа што отсекогаш јасно, искрено и недвосмислено се почитувале фолклорот и музиката на другите, на различните и ова го потврдуваме и вечерва преку оваа наша фолклорна манифестација, заедно со сите педесет илјади учесници кои оставиле свој белег во овие 56 години на одржување на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. 

И сега, им посакувам на сите учесници пријатен престој во нашиот Охрид, престој исполнет со прекрасни моменти на песни и ора нанижани како ѓердан од бисери, со верба и надеж дека кога ќе се вратат во своите земји, со себе ќе понесат и дел од неисцрпното духовно богатство на Охрид и на Република Македонија.

Со овие благородни мисли, почитувани пријатели, дозволете ми 56. Балкански фестивал на народни песни и игри да го прогласам за отворен.

Ви благодарам.

Click