Активности

Понеделник, 8 април 2019 година, Виена, Австрија

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на Конференцијата на претседатели на Парламенти на ЕУ на тема „Европската Унија и нејзините соседи“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Темата за која денеска дебатираме, а тоа е Европската Унија и нејзините соседи, за нас државите кандидати за полноправно членство е од посебно значење, бидејќи со тоа уште еднаш се потврдува политиката на отворена врата за државите од регионот Западен Балкан. Ова е уште поважно бидејќи годинава е изборна година за Европскиот парламент кој што е битието на демократскиот живот, нe само во Европската Унија туку на целиот континент. Јас верувам дека на изборите во мај ќе победат принципите врз кои се темели Европската унија, а тоа се човековите права и слободи, правната држава и владеењето на правото, мирот и безбедноста како неделива категорија и секако, солидарноста.

Верувам дека сите знаете дека Република Северна Македонија во изминатиот период од околу две години, направи навистина историски чекори со кои повторно се поставивме на евроатланскиот колосек. Секако дека мислам на Преспанскиот договор со кој се надмина скоро три деценискиот спор со соседна Грција. Со ова, не само што се деблокира нашиот пат за членство во Европската Унија и НАТО, туку со него Скопје и Атина дадоа силен импулс на мирот, стабилноста и секако соработката во регионот и неговата европска иднина. Само да потсетам дека на почетокот на месецов во Скопје престојуваше владина делегација на соседна Грција на чело со премиерот Ципрас, во придружба на многу голем број на грчки бизнисмени. Сето ова го спомнувам како добар пример за тоа дека, кога се има волја и храброст да се почитуваат и имплементираат европските принципи и стандарди, тогаш е можно да се најде решение за кое било прашање или отворен проблем.

Да потсетам дека пред тоа, потпишавме Договор за пријателство и со соседна Бугарија, со кој исто така надминавме некои историски антагонизми што ги оптоваруваа нашите билатерални односи. Знаете, ние во регионот Западен Балкан бевме познати по тоа што постојано создававме историја која ниту можевме да ја консумираме ниту пак учевме од неа. Затоа, историските грешки ни се повторуваа а цената за тоа беше многу висока. Меѓутоа, верувам дека ова го надминавме. Иако во регионот имаме се уште отворени прашања како што се на пример, односите помеѓу Белград и Приштина но, исто така е факт дека сите во регионот прифативме дека единствено со дијалог можат да се решат отворените прашања и проблеми. А сите ќе се согласиме дека, од мирот и стабилноста на Западен Балкан зависи и мирот и стабилноста на цела Европа.

Дами и господа,

Секако дека кога зборуваме за добрососедската политика и нејзиниот развој, мора да се истакне регионалната соработка во која се вклучени како државите членки на Европската Унија, така и државите кандидати за членство. Една таква успешна форма на соработка е и Јадранско - Јонската иницијатива која неодамна имаше многу успешна средба во Будва во Црна Гора. Средба на која разговаравме за две значајни теми, соработката на полето на туризмот и соработката помеѓу различни парламентарни тела. Ваквите регионални соработки се многу значајни од повеќе аспекти. Од една страна, се потврдува во практика политиката на отворени врати за членство во Европската Унија, што за нас аспирантите е многу важно а, од друга страна, ги јакне кохезивните врски, како на ниво на регионот, така и пошироко. Ние, државите кандидати за членство во Европската Унија преку регионалната соработка можеме многу поефикасно да ги користиме искуствата на земјите членки, особено кога станува збор за потребните општествени и економски реформи. А, високо развиени демократски општества, функционална правна држава и развиена економија се придобивка за државите во регионот, но и придобивка за целата Европска Унија.

Почитувани колеги,

Како што веќе истакнав, регионот Западен Балкан не е веќе тоа што бил пред година или две. Во тие позитивни чекори и придобивки свој придонес има и политиката на Брисел кон регионот и кон секоја држава поединечно. Политика која од една страна јасно покажува дека Брисел сака да го интегрира регионот, но во исто време, многу транспарентно укажува на секоја држава поединечно што треба да направи за да ги исполни таканаречените „Копенхашки критериуми“ за да се стане полноправна членка. Годинава, кога во рамките на Европската Унија треба да се одржат избори, а тука се и процесите поврзани со Брегзит, очекувано е Брисел да посвети на овие прашања многу поголемо внимание, односно ќе бидат во преден план. Во една таква политичка реалност, добрососедската политика која најдобро се манифестира преку процесот на пристапување во Европската Унија и валоризирање на напредокот на секоја држава поединечно, мора да продолжи. На тој начин, во државите кандидати се зајакнува поддршката и мобилизацијата на јавноста за про - европскиот курс, а во исто време, ја заострува нашата одговорност како политичари да продолжиме со потребните реформи. Да не заборавиме дека, Западен Балкан културно и цивилизациски е дел од Европа, а ние велиме „убаво е кога е цело“.

Ви благодарам на вниманието!