Активности

Петок, 6 септември 2019 година  

Обраќање на претседателот Џафери по повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независноста

Почитуван претседател на Република Северна Македонија,  
Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани министри,Почитувани колеги од сегашниот и од претходните состави на Собранието,
Почитувани претставници на судската власт, академски претставници,
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Претставници на верските заедници, 
Претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,
Претставници на медиумите, 
Почитувани гости, 
Дами и господа,

Добродојдовте на одбележувањето на овој исклучително значаен историски ден. Имам чест што денес сум домаќин на овој настан, како што впрочем е и редот, со оглед на тоа што токму овде, во законодавниот дом, во домот на граѓаните, пред точно дваесет и осум години, нашите колеги од тој пратенички состав, ја ставија на хартија и во живот одлуката на граѓаните од спроведениот референдум на 8-ми Септември 1991 година кога вековниот сон, вековната желба за слободна, независна, суверена држава се оствари бидејќи граѓаните се определија за таква самостојна, суверена држава чии што основни постулати за развивање на граѓанското општество беа вградени и во највисокиот законодавен акт - во Уставот на државата. Покрај тоа, беа детерминирани и стратешките цели од суштинска важност за напредокот на државата, цели за кои имавме и се уште споделуваме заедничка определба мнозинството граѓани уште на самиот почеток на самостојноста, а тоа е полноправното членство и интеграција во Европската Унија и НАТО.

Почитувани присутни,

Многу води протекле од тој ден, многу убави меѓутоа и не толку убави настани. Растевме, ги прележувавме детските болести, некои побрзо а некои се уште траат, но по пат и учевме и извлекувавме поуки, како и секое новороденче, нели? Дали сме сега доволно зрели, доволно мудри и напредни не сакам да констатирам меѓутоа едно знам, времето ќе покаже. Времето е најдобар индикатор за тоа колку сме биле, сме или мислиме да бидеме внимателни со тоа што го имаме. Дали ќе знаеме да го негуваме за да расте, се развива и биде пример кон кој што ќе го впери прстот регионот и светот, и дали тоа ќе биде за добро или за лошо.   

Дами и господа,

Во овие 28 години самостојност, сите кои беа дел од донесувањето, спроведувањето и живеењето со донесените одлуки од овој или оној политички чинител, работеа многу на внатрешен, меѓутоа и надворешен план за денес Република Северна Македонија да биде држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права. Општество кое функционира мултиетнички, мултикултурно и мултиконфесионално и како такво претставува позитивен пример за регионот и светот.

Законодавниот дом, местото каде што се води дебата и се донесуваат предложените закони за спроведување на потребните реформи, и каде што всушност се кршат копјата, беше и е вистински показател за тоа колку сме созреале, колку сме научиле да се слушаме меѓу себе, да се почитуваме взаемно, да имаме разбирање за различното мислење и да имаме слух за конструктивните и добронамерни предлози. Со еден збор, колку сме го достигнале нивото на вистинската парламентарна демократија и политичка култура. Ќе бидам искрен, иако можеби некој ќе го сфати тоа како нескромен, сепак, горд сум затоа што нашето Собрание, а ова го потврдува и Извештајот за напредокот од Европската комисија, е единственото вистинско функционално собрание во регионот во кое свое активно учество имаат сите политички сили, и власт, и опозиција. Водиме транспарентен политички дијалог кој што се одвива пред очите на јавноста. Во исто време, отворени сме за соработка со домашните, странските институции, со граѓанскиот сектор и други. Активно учествуваме на сите регионални и меѓународни настани затоа што сакаме активно да учествуваме во градењето на вистински, релаксирани односи во регионот и пошироко. Затоа што веруваме дека, дијалогот е решение за секое недоразбирање и само преку искрен и транспарентен пристап кон секој проблем ќе дојдеме до најдоброто взаемно прифатливо решение.

Почитувани,

Јас сум убеден дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, имаме волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија, и каков дом посакуваме и градиме за нашите почитувани граѓани и денеска сме многу блиску до остварување на нашите стратешки определби - полноправното членство во ЕУ и НАТО. Сите институции, невладиниот сектор, сите граѓани на Република Северна Македонија се едногласно и непоколебливо посветени на исполнувањето на потребните услови за полноправно членство во овие меѓународни сојузи и  со полно право сите очекуваме да бидеме дел од НАТО и ЕУ. Во однос на НАТО, знаете дека  динамиката на ратификација на Протоколот се одвива со досега невидена брзина. Од 29-те земји членки на НАТО, 21веќе го ратификувале Протоколот а во четири е во процедура, што ни дава за право да веруваме дека процесот ќе биде заокружен до Самитот на НАТО во Лондон во декември оваа година, кога ние и конечно би станале 30-тата земја полноправна членка на овој моќен политички и воен сојуз. Паралелно работиме на постигнувањето на втората стратешка цел за која во октомври, веруваме дека Советот на Европската Унија ќе ја донесе долгоочекуваната одлука со конкретен датум за почеток на преговорите.

Драги пријатели,

Членството во Европската Унија и НАТО, подразбира владеење на правото и правниот поредок во државата без дискриминација, почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на нивната етничка, верска, расна, политичка припадност и пол. Членството ќе значи европски стандарди за достоинствен живот, конкурентни услови за работа и бизнис, можности за квалитетно образование и научни истражувања за нашите граѓани.

Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Да градиме таква граѓанска држава, такво општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, сите ќе се чувствуваат свои на своето, свои во својот дом, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е без преседан затоа што е природно и универзално право без разлика на етничката, верската, социјалната, партиската или која било друга припадност.

Да живее европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани!

Ви благодарам на вниманието и уште еднаш, честит Денот на независноста!