Активности

Четврток, 14 февруари 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери пред пратениците во Собранието на Република Албанија   

Почитуван претседател на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи,
Почитувани колеги пратеници,
Екселенции, 
Дами и господа, 
Почитувани претставници на медиумите,

Имам чест денес да се обратам од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и да го изразам моето лично задоволство и чувството на гордост што денес сум сведок на еден толку свечен чин за нас, за граѓаните на Република Северна Македонија и за сите што придонесоа за тоа каде сме денес, ни веруваа и ни дадоа поддршка. Денес, пред сѐ сум сведок на непосредната рефлексија на вистинското пријателство, на искреното соседство и безусловната поддршка на една братска држава како што е Република Албанија. 

Односите помеѓу нашите две земји се преплетени со силни нишки на пријателство, меѓутоа и со семејни врски. Имаме развиени билатерални односи на сите највисоки политички нивоа, меѓутоа и на полето на економската, културната, образовната, дури и туристичка соработка. Вие сте наш силен поддржувач во сите регионални иницијативи и пред мултилатералните меѓународни тела.

Почитувани пратеници,

Верувам дека сте  добро запознаени со напорите на актуелното парламентарно мнозинство за градењето на еден нов имиџ на државата внатре и во односите со соседите. Посветени сме на градењето на „едно општество за сите“, без разлика на етничката, верската, социјалната или друга припадност.

Работиме во насока на правење на реформи во сите области од општествениот живот и овој процес не е воопшто лесен меѓутоа, наша цел е вистински демократска држава со владеење на правото и функционални институции во служба на граѓаните, затоа работиме со посветеност. Претходно, се концентриравме максимално на затворањето на прашањата што го оптоваруваа нашето патешествие кон постигнувањето на нашите стратешки определби, односно полноправното членство во НАТО и во ЕУ. Потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.

Потпишавме Конечна Спогодба за решавање на спорот околу името со Република Грција. Усвоивме уставни измени, нешто што не беше воопшто лесно и предизвика протести на двете страни, нешто што само по себе говори дека Спогодбата беше еден вин-вин компромис, каде сите сме победници и сите сме губитници. Меѓутоа, во суштина победи далекугледоста, победи визијата за безбедна иднина и победија нашите граѓани. Знаевме каде сакаме да бидеме и не се двоумевме во ниту еден миг, без оглед на тешкотиите, затоа што нашите граѓани заслужуваат да бидат среќни граѓани, со еднакви права и слободи, со европски вредности и стандарди, со исти можности и шанси. И не бевме и не сме сами на ова патешествие. Секогаш биле до нас нашите вистински пријатели и партнери и за тоа сме безмерно благодарни.

Нашите напори не беа залудни и сега сме во фаза на изодување на последните километри пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија. Во однос на НАТО, ние се надеваме дека до крај на оваа година или почетокот на 2020 година, протоколот за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО, кој што пред некоја недела беше свечено потпишан во Брисел од страна на Амбасадорите на земјите членки, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти и со тоа ќе станеме триесетта полноправна членка со сите права и обврски што ги има секоја членка на НАТО. 

Пред два дена, Протоколот го ратификуваше Собранието на Република Словенија и симболички ја отвори вратата за другите национални парламенти. И денес, Собранието на Република Албанија го ратификуваше Протоколот на Северно - атлантскиот сојуз за членство на Република Северна Македонија и во оваа прилика сакам искрено да ви заблагодарам од име на Собранието на Република Северна Македонија и од име на граѓаните на Северна Македонија. Со ова, Република Албанија и Албанскиот народ уште еднаш го потврдија пријателскиот однос кон Република Северна Македонија и кон нејзините граѓани. Бидете уверени дека ние ова ќе го памтиме секогаш, а секогаш сме знаеле да ги почитуваме и вреднуваме нашите вистински пријатели - Албанија и Албанците се токму тоа.  

Ви благодарам на вниманието!

Click