Активности

Вторник, 15 октомври 2019 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија на тема „Зајакнување на меѓународното право: Улогата и механизмите на парламентите и придонесот во регионалната соработка“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да ги поздравам учесниците на 141. Собрание на Интерпарламентарната Унија и да изразам задоволство што и овој пат сме собрани во овој респектабилен број и имаме можност да ги презентираме ставовите на националните институции пред овој меѓународен форум. Како и многупати претходно, така и овој пат, концептот на ова меѓународно собрание ја потврдува својата неопходна и значајна улога во адресирањето на прашањата кои се од взаемен интерес на нашите граѓани, државите и регионите. Мисијата на Интерпарламентарната унија е промовирање на демократското владеење, градење демократски институции и вредности за доброто на граѓаните и се разбира дека националните парламенти, како дел од оваа глобална организација, ги споделуваат истите цели, затоа што законодавните домови се природната средина на граѓаните, нивниот дом, местото каде се артикулираат нивните демократски права и аспирации, местото каде што нивниот глас се слуша и почитува

Почитувани,

Меѓународниот правен поредок, заснован на сеопфатна правно обврзувачкa глобална рамка е насушна потреба која произлегла од потребата од превенција на идно настанување на правни спорови помеѓу државите, спречување на стравотни воени злосторства и злосторства против човештвото, против окупаторски дејствија, од потребата за иницирање на казнивост и понесување одговорност за нехумани дела. Потпишувањето на Повелбата на ОН, обврзувањето и посветеноста кон принципите и целите на меѓународните закони и правда и владеењето на правото базирано токму на тоа меѓународно право не е само празна флоскула, туку тоа е гаранција за мирот и безбедноста во светот. Зачувувањето на тој мир и обезбедувањето на достоинствени услови за живот е елементарно право на секој човек. Ваквите форуми се одлична прилика за директни контакти, непосредно взаемно информирање за преземените чекори во однос на предизвиците со кои се справува секоја држава на овој или оној начин. Потребна е хармонизација на законската рамка и ревносно почитување на меѓународно признатите и потпишани договори при што не мислам на почитување само заради форма туку, конкретно спроведување  на терен, со редовно вршење на надзор над спроведувањето во практика на законските одредби.

Дами и господа,

Република Северна Македонија работи многу на полето на унапредување и зајакнување на добрососедските односи и веруваме дека, само искрениот пристап кон недоразбирањата и отворените прашања, и водењето на политички дијалог до исцрпување на сите можности, може да доведе до прифатлив компромис за страните. Како резултат на тој несебичен ангажман беше потпишувањето на двата договори, односно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Договорот со Република Грција со кој се надмина долгогодишниот спор кој што не кочеше во постигнувањето на нашите стратешки цели односно интегрирањето во НАТО и ЕУ. Сега тој процес е деблокиран и очекуваме до крајот на годината да станеме 30-та полноправна членка на НАТО а од денес до 18 октомври сме во очекување на позитивна одлука од Советот на ЕУ, односно да определи датум за отпочнување на пристапните преговори.

Почитувани,

Водејќи се од уставно утврдената поделба на власта во Република Северна Македонија каде законодавната власт е утврдена како една од трите власти, покрај извршната и судската, уште на самиот почеток на стапување на функцијата претседател на Собранието, имав пред себе јасна визија и цел која што сакав да ја постигнам, односно, обезбедување законска рамка врз која ќе се основаат трите по мене најзначајни области на независност на законодавниот дом. Затоа што, за да градиме силни, демократски парламенти, основните законодавни, надзорни, буџетски и репрезентативни функции се од суштинско значење за квалитетот на целокупното управување на една земја. Со несебичната помош на нашите меѓународни пријатели, меѓутоа и во постојана координација со Владата, направени се подготовки и формирана е работна група која ќе работи во насока на подготовка на законската рамка за финансиска независност на Собранието и независна служба на Собранието. Претходно се направени и подготовки во насока на градење на капацитети кои ќе бидат поддршка и консултанти на овие процеси. Покрај ова, третата крајна цел е независно обезбедување на законодавниот дом. Мислам дека сето ова е одлична основа за овозможување на функционалноста на Собранието, и веродостојното почитување на основните функции на Собранието, односно законодавната, надзорната, буџетската и репрезентативната. Само така ќе можеме и вистински да бидеме сервис на граѓаните и ќе може да придонесеме за мир и развој. Во однос на достапноста и транспарентноста пред граѓаните, ќе спомнам дека сме отворени кон секоја граѓанска иницијатива и платформа која ги адресира прашањата кои се од витален интерес за сите како што се, мирот, демократијата, човековите права, родовата еднаквост, градењето младински политики за подобар живот и развој на младите, и политики за одржлив развој преку отворен политички дијалог, соработка и акција. Политичкиот дијалог е есенцијален и истиот се одвива пред очите на јавноста и затоа работиме многу и во насока на подигнување на нивото на политички дијалог, градење консензус меѓу спротивставените политички страни и заедничко, силно адресирање на сите прашања кои ги тиштат граѓаните и воедно го оневозможуваат вистинскиот раст, развој и напредок на државата.

Дами и господа,

Верувам дека и одржувањето на блискоста со електоратот е значајна заради редовно ажурирање и информирање со тековните проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот обичните граѓани. Раното детектирање на причинителот на проблемот, конфликтот, изворното и сестрано информирање, можат да бидат пресудни за успешното решавање на секое прашање, затоа што да не заборавиме, медалот секогаш има две страни. А ние сме тие што ги уживаат легитимитетот и довербата добиена од граѓаните а тоа не значи само уживање на правата туку и исполнување на обврските и понесување одговорност пред истите граѓани.

Драги колеги, ви благодарам на вниманието и посакувам успешна и плодна работа!

Click