Активности

Вторник, 9 јули 2019 година

Одлагање на отпочнувањето на примената на Законот за акцизите

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија на денешната 59. седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, поднесен од пратениците Панчо Минов, Мирослав Јовановиќ, Диме Велковски, Панче Иванов, Кети Смилеска, Артан Груби и Ристе Ташев (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставник на предлагачите, пратеникот Панчо Минов. Тој истакна дека со измените и дополнувањата на Законот за акцизите се врши техничко усогласување со одредбите од Законот односно одредбата од членот 127 се брише со цел содржината од истиот соодветно да се пропише во членот 73 како став (3) од Законот.  Истовремено, се предлага одлагање на отпочнувањето на примената на Законот за акцизите односно наместо од 15 јули 2019 година истиот да отпочне да се применува од 01 ноември 2019 година. Истото се предлага на барање од бизнис заедницата за да се овозможи подолго време за нивно усогласување со одредбите од Законот за акцизите како и со функционирањето на EMCS системот со кој ќе управува Царинската Управа.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.      

Комисијата за финансирање и буџет го проследи Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите на натамошна постапка во Собранието.