Активности

Понеделник, 26 март 2018 година, Женева

Одржување на мирот како средство за постигнување на одржлив развој

На 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 24 до 28 март 2018 година во Женева, Швајцарска Kонфедерација, учествува Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од  м-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во ИПУ.

Во рамките на 138. Собрание, на 25 март 2018 година седници одржаа постојаните комисии за мир и меѓународна безбедност (Прва комисија) и за одржлив развој, финансии и трговија (Втора комисија). 

Пратеникот Томислав Тунтев учествуваше во дебата на Првата комисија на тема: „Одржување на мирот како средство за постигнување на одржлив развој“. Тој оцени дека визијата за помирен, постабилен, инклузивен и еколошки одржлив свет, може да се постигне единствено доколку земјите делуваат заеднички и во партнерство на глобално, регионално, национално и локално ниво.

Господинот Тунтев истакна дека мирот и заложбата за пристоен живот беа мотивација за Република Македонија да ја надмине длабока политичка криза,  нагласувајќи дека земјата денес е слободна, безбедна и стабилна држава, цврсто определена кон остварување на стратешките цели за целосна интеграција  во ЕУ и НАТО. Тој ги подвлече определеноста за реализацијата на реформската агенда и посветеноста кон основните демократски вредности, доброто владеење, владеењето на правото, почитувањето на човековите права, мирот и стабилноста. Пратеникот Тунтев се осврна и на новиот пристап кон соседите, наведувајќи го како позитивен пример Билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, кој ги подобри билатералните односи и придонесе кон зголемување на меѓусебната трговската размена. Истовремено, тој нагласи дека се спроведуваат мерки за градење доверба со Република Грција, со што се дава нов поттик за разрешување на долготрајниот билатерален спор, односно надминување на проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. 

Укажувајќи дека дека примарната одговорност за спроведување на стратегиите и активностите за одржлив мир лежи на национално ниво, г. Тунтев подвлече дека е неопходно е да се прецизира улогата на парламентарците во имплементирањето на Целите за одржлив развој на ООН. Според г. Тунтев, потребно е парламентите да спроведат мерки како што се усвојување на соодветни закони и адекватни буџети, засилена контролна и надзорна улога на спроведувањето на политиките на владите за остварување на ЦОД на национално ниво и слично, сè со цел за реализирање на концептот за одржлив мир. Интерпарламентарната унија, како светска организација на парламентите, чија што фундаментална мисија е промовирање, заштита и зацврстување на демократија во целиот свет и којашто посветува големо внимание на промовирањето на одржливиот мир и развој, може во голема мерка да придонесе на овој план.

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на обединетите нации.

Click