Активности

Понеделник, 30 април 2018 година

Ограничената соработка меѓу Македонија и Виетнам да се продлабочи 

Виетнамска делегација, предводена од потпретседателот на 14.Национално собрание на Социјалистичка Република Виетнам, г. Оунг Чу Луу, во рамките на официјалната посета на Република Македонија оствари одделни средби со потпретседателот на Собранието на Република Македонија,  г. Горан Мисовски, со Комисијата за надворешна политика и со Законодавно-правната комисија. 

На почетокот од средбата со потпретседателот Мисовски, тој посочи дека двете земји ги карактеризираат добри и пријателски односи со скромен политички дијалог, а во однос на недостигот на економската соработка изрази надеж дека во иднина ќе се создадат предуслови за нејзино продлабочување преку трговската размена како значаен сегмент во општественото живеење.

И покрај различниот политички ситем кај двете земји, тој посочи дека верува во силата на народот и оваа средба да биде почеток на една посериозна економска и културна соработка меѓу Македонија и Виетнам.

Воедно, упати посебна благодарност што Виетнам го користи уставното име Македонија на билатерален и меѓународен план.

Македонија останува на својот стратешки пат кон ЕУ и НАТО интеграцијата, спроведување на реформите во засегнатите полиња преку Владиниот план 3-6-9 и Планот 18, како и градење на добрососедски односи.

Потпретседателот Оунг Чу Луу во рамките на втората посета на високо ниво, изрази надеж дека оваа средба ќе ги зацврсти односите меѓу двете земји, двете Влади и Парламентите. Воедно, тој истакна дека високо ги ценат односите меѓу Македонија и Виетнам и дека го следат прогресот на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО алијансата. Виетнам по триесетгодишен реформски пат постигнал успех на општествено и економско поле, но и покрај забележителниот економски развој, економската соработка со другите земји е навистина ограничена.

Во продолжение на посетата, Виетнамска делегација оствари средба и со Комисијата за надворешна политика со која претседатаваше ѓ-ѓа Емилија Александрова, а беа присутни и членовите: г-ѓа Ане Лашкоска, г-ѓа Лилјана Поповска, г-ца Ивана Туфегџиќ, г. Африм Гаши и г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска.

Претседавачот Александрова изрази задоволство од посетата, со надеж за контруктивна средба колку што е и пријателска. Односите меѓу двете земји ги карактеризира пријателство, почитување, заемна доверба, но и недостиг на конкретна содржина, особено во сферата на економската соработка, за чиј развој двете земји во иднина треба да создадат предуслови.

Претседавачот Александрова ја запозна Виетнамската делегација и со обврските, работата и надлежностите на Комисијата во однос на прашањата кои таа ги разгледува.

Потпретседателот Оунг Чу Луу упати благодарност за можноста за оваа средба, како и за споделените информации за работата на Комсијата за надворешна политика. Воедно, посочи дека Виетнам по триесетгодишен реформски пат може да каже дека е економски и општествено стабилен, донесени се  многу закони во унапредување на пазарната економија и интеграција на пазарот.

Соговорниците се согласија двете земји  да продолжат да одржуваат редовна размена и посети на сите нивоа, да работат на унапредување на соработката во областа на економијата, образованието и културата.

Исто така, Виетнамската делегација оствари средба и со Законодавно-правната комисија, со која претседаваше заменик-претседателката на Комисијата и воедно потпретседателка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски. 

Таа детално ги информираше гостите за улогата на Собранието, структурата, контролната улога врз законодавната и извршната власт, начинот на функционирање, носењето закони, како и за надлежностите на самата Законодавно-правна комисија. 

Присутните изразија задоволство од можноста за размена на информации на различни политички системи, јазични и културолошки разлики, што само дополнително отвора широко поле за соработка.

Click