Активности

Вторник, 3 април 2018 година

Осма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 8. Седница, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделството и руралниот развој;
  2. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

На седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Благе Цветковиќ, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претставникот на Владата, г. Цветковиќ ја нагласи потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите. 

Во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделството и руралниот развој учествуваа пратениците: г. Диме Велковски, г. Реџаил Исмаили, г-ѓа Мира Стојчевска, г-ѓа Милева Ѓоргиевска и г. Панчо Минов. 

Пратениците го истакнаа својот став за поддршка и донесување на предложеното законско решение од причина што истото ќе овозможи ефикасна и навремена исплата на средствата од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и намалување на трошоците за земјоделското производство. Се предлага воведување на помош за земјоделските стопанства со кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделското производство до 50% со што ќе се влијае на намалувањето на трошоците на земјоделските стопанства. Со предложеното законско решение, се овозможува одложување на важењето на условите за подмирени обврски по други основи кои не се од областа на земјоделството односно обврските за кои е надлежна УЈП. Истовремено се предлага да престанат да важат условите за подмирени обврски по основ на обврски по склучени договори за користење на средствата од компензациони фондови од странска помош за кои е надлежно министерството. 

На крајот од дискусијата, Комисијата со 6 гласа „за“ и без гласови „против“ и „воздржани“ оцени дека горенаведените Предлог на закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.






Click