Активности

Понеделник, 4 ноември 2019 година

Панел-дискусија за подобрување на пристапот до обештетување за жртвите на трговија со луѓе и родово базирано насилство

Во Собранието денеска се одржа Панел-дискусија по повод 70-годишнината на Советот на Европа, на тема: „Подобрување на пристапот до обештетување за жртвите на трговија со луѓе и родово базирано насилство“.

Mодератор на настанот беше Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Таа информираше дека Панел-дискусијата е во организација на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието, во соработка со Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје и Француската амбасада, под покровителство на француското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа, а во рамките на Проектите за спречување на трговија со луѓе и за поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Република Северна Македонија кои се дел од Хоризонталниот инструмент на ЕУ/Советот на Европа за Западен Балкан и Турција II.

Поздравно обраќање имаше потретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој истакна дека нашата земја создаде широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е зајакната и хармонизирана, соодветно развиена и во согласност со европското законододавство и меѓународните стандарди, особено во насока на идентификација, превенција, давање правна помош и поддршка на жртвите. Уставот, во делот на граѓанските и политичките права, ги гарантира фундаменталните права и слободи како темелни вредности на уставниот поредок на државата, рече Мисовски.

Во продолжение се обрати и евромбасадорот Самуел Жбогар, кој изрази жалење што и во 21.век се разговара за трговија со луѓе и родово-базирано насилство. Овие појави не можат да се елиминираат, рече Жбогар, но пристапот до државното обесштетување може да одигра важна улога во закрепнувањето на овие жртви. Воедно, на тој начин се испраќа моќна порака до жртвата дека општеството признава дека над неа е извршено злодело.

На оваа тема, францускиот амбасадор Кристиан Тимоние ја напомена неопходноста од зајакнување на соработката меѓу европските земји, зголемување на свеста, мобилизирање на целото општество и промена на однесувањето.

Француската сенаторка Eлен Конвеј Муре укажа на потребата од дебата на овие теми, која е тешка и болна, но неопходна. Таа беше децидна дека оваа битка за еднаквост, не е само битка на жените, туку особено на мажите.

Свое обраќање имаше и Виљиано Кириази, специјален координатор од Советот на Европа, како водечка институција за човекови права, со 47 земји членки, меѓу кои и нашата земја, која од вкупно 220 конвенции, има усвоено 104, што значи дека има голем придонес кон човековите права. Истанбулската конвенција и трговијата со луѓе или т.н. модерно ропство, Кириази ги посочи високо на агендата на Советот на Европа

За пристапот до државно обесштетување според Конвенцијата на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе, говореше меѓународниот експерт Јан ван Дијк, додека за пристапот до државното обесштетување според Истанбулската конвенција, се осврна Ана Фјодорова од Универзитетот Карлос III - Мадрид.

Никола Прокопенко, државен советник од Министерството за правда, го презентираше Нацрт-законот за обесштетување на жртвите на кривични дела, за кој се користени меѓународни стандарди, добри искуства и практи, додека државната секретарка од Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, говореше за поддршката на жртвите на кривични дела. Гоце Коцевски, од Македонското здружение на млади правници, пак, се осврна на бесплатната правна помош за жртвите на насилни кривични дела кои бараат државно обесштетување.

Во дискусијата која следеше, беа споделени низа примери и искуства, кои би можеле да придонесат во донесувањето на законот за обесштетување на жртвите на кривични дела, кој најпосле треба реално да се ефектуира.

Жртвите на трговијата со луѓе и родово базираното насилство се изложени на тешко физичко страдање, повреда на здравјето и/или психолошка повреда и траума, и имаат право да бараат обесштетување за материјална и нематеријална штета. Со Истанбулската конвенција се предвидува државата да ги преземе сите потребни законодавни и други мерки за да им се обезбеди правото на жртвите да бараат обесштетување. Овозможување и олеснување на пристапот до обесштетување им помага на жртвите да закрепнат, а служи за казнени и превентивни цели.

Беше упатен апел до секој кој има информации за какво било насилство или трговија со луѓе, истото да го пријави, без разлика дали во полиција, во центрите за социјална работа или Министерството за труд и социјална политика. Од голема важност е да се посвети внимание на едукацијата, на упатување на жртвите на помош и на подигање на општествената свест.

Завршни четири забелешки на Панел-дискусијата даде специјалниот координатор Кириази, и тоа:

  1. Како да се развие, изгради и заштити човековото достоинство во македонското општество;
  2. Дополнително развивање солидарност и недискриминација во македонското општество;
  3. Доверба во институциите како клучен придизвик за многу партии, а јазот меѓу институциите и граѓаните е системот на правдата;
  4. Надеж за подобра иднина на сите граѓани. 
Click