Активности

Среда, 15 август 2018 година

Посета на Комисијата за одбрана и безбедност на Армискиот полигон „Криволак“

Во рамките на своите надлежности, пoтпретседателот на Комисијата за одбрана и безбедност Илија Николовски и пратеникот Чедомир Саздовски, денеска учествуваа на Отворен ден за медиумите на локалитетот Џидимирци во Армискиот полигон „Криволак“. 

На настанот присуствуваа претставници на воено дипломатскиот кор од земјава и странство, пратеници од Собранието на Република Македонија, претставници од министерството за одбрана, локалната власт во Неготино и Кавадарци како и на медиумите.

Заменикoт амбасадор и шефот на мисијата на Соединетите Американски Држави Микела Швајцер-Блум искажа пофални зборови за прикажаните воени вештини, за кои, рече, видливо ги користат НАТО стандардите и НАТО процедурите и додаде дека сето она што Република Македонија го прави високо е вреднувано од страна на НАТО Алијансата. Посочи дека преку долгогодишното партнерство на Република Македонија со НАТО, постигнат е значаен напредок во воените реформи и воената интероперабилност со сојузниците и понуди практична поддршка на воените авторитети во процесот на пристапување. 

Според американската заменик-амбасадорка, механизмот на НАТО најдобро може да обезбеди стабилност и самата стабилност и безбедност раѓаат просперитет, а просперитетот го гарантира развојот. Република Македонија ќе биде идна членка на НАТО, а за тоа има поддршка од Соединиетие Американски Држави.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска напомена дека Република Македонија од моментот на својата независност платила голема цена за бројните конфликти и војни во нашето соседство. Членството во НАТО алијансата ќе биде шанса да се стави точка на овие стравувања. Се работи на тоа целиот Балкан да биде стабилен регион, а пред се нашата држава и граѓаните да бидат безбедни. Без безбедност и стабилна и просперитетна економија тоа не е можно. Поради тоа се очекува граѓаните во Македонија во огромно мнозинство да го поддржат нашето членство во НАТО и ЕУ.

Таа додаде и дека Македонија не очекува само да стане земја членка на НАТО и да ги користи придобивките на членството, туку таа е држава која има што да им понуди на сојузниците, а воениот полигон „Криволак“ е типичен пример за тоа.

Командантот на мултинационалните сили за безбедност во источно Косово, полковникот Ник Дучиќ истакна дека полигонот во Република Македонија им е на тричасовно возење од Косово, и им овозможува одлични вежбовни услови. Според него, близината на „Криволак“ до Косово ќе им овозможи на војниците брзо да се вратат на своите работни места, доколку дојде до вонредна состојба.

Обука на американските копнени сили на „Криволак“ ќе има од 1 до 20 август 2018 година. Во овие 20 дена на „Криволак“ обука ќе реализираат единциите од копнените сили на САД за Европа односно од 3. сквадрон, 61. коњанички полк, 1. бригада, 4. пешадиска дивизија, (3-61 коњанички полк) од форт Карсон, Колорадо и 3 батаљон, 126. авијациски полк, од Армиската национална гарда стационирана во Бостон и Масечусетс.

Click