Активности

Понеделник, 23 јули 2018 година

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во посета на КПД Идризово

Работна група на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот оствари посета на КПД Идризово, Скопје. Посетата беше со цел запознавање со состојбите во кои се наоѓа КПД Идризово, Скопје, а во насока на подобрување на истите. Во оваа казнено-поправна установа во моментов се сместени 1.000 осудени лица, распоредени во соодветни одделенија на Затворот.

Фадил Зендели, претседател на Комисијата, Мирсада Емини-Асани, Трајчо Димков, Панчо Минов, Ирена Стефоска, Маја Морачанин и Слаѓана Митовска, заедно со претставник од НДИ, од Хелсиншкиот Комитет за човекови права на РМ, како и Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, беа во групата за посета, реализираа средби со в.д. директорот Боби Мојсоски, со раководната структура на Затворот, со директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ. 

Надлежните дадоа приказ на престојот и третманот кон затворените лица, ги презентираа поставеноста на КПД Идризово, кадровската екипираност, потешкотии со кои се соочува службата, како и финансиските трошоци и буџетските расходи.

Членовите на Работната група се интересираа за проблемите со кои се соочуваат затворениците, положбата на осудените лица во однос на: сместувањето, редовниот образовен процес, здравствената заштита, личната хигиена и исхраната. Тие остварија и директен разговор со осудени лица во ќелиите на затворските одделенија на машкиот и на женскиот затвор, а извршија и посета на посебните простории-самици. Осудените лица се пожалија на несоодветната здравствена заштита, ограничениот карактер на контактите со надворешниот свет, како и на лошиот квалитет и недоволната количина на храна.

Работната група и раководниот тим на Затворот, заеднички ја констатираа потребата од почитување на меѓународните стандарди во однос на човековите права, потребата од дополнително унапредување на условите во затворот, како и потребата од зголемена заложба за поддршка за градење капацитети на институцијата, зголемување на буџетот на Затворот, при што беше потенцирано дека во таа насока ќе биде дадена целосна поддршка. Секогаш има нова можост за подобрување на престојот и третманот кон затворените лица. 

Работната група во наредниот период ќе ги посети КПУ Затвор Скопје - Скопје, каде се очекува средба и разговор со притворени лица во притворското одделение во затворот, Затвор - Охрид КПУ и Затвор - Штип КПУ. По завршувањето на посетите на наведените казнено поправни установи, Работната група ќе изготви извештај на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот за состојбата во затворите во Република Македонија.   

Click