Активности

Петок, 21 септември 2018 година 

Поттик за политички дијалог и консензус

На вториот ден од Конференцијата со дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан, се разговараше за поттикнување на политички дијалог и консензус.  

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, рече дека политичкиот дијалог и постигнувањето на консензус, се на врвот на вредностите и стандардите кои го дефинираат демократскиот амбиент и политичката култура на едно општество. Вистинското место каде што треба да се води политичкиот дијалог и да се постигне консензус е Собранието. Од нашите стратешки партнери, од сите врвни европски државници и политичари и од целата европска јавност добиваме целосна поддршка со апел до граѓаните да го искористат демократското право и на 30 септември да излезат и да гласаат на референдумот, рече Џафери.

Европратеникот Едуард Кукан, кој е копретседавач на дијалогот на Жан Моне, рече дека Собранието и политичкото лидерство во земјата покажале способност да влезат во дијалог и на тој начин да продолжат во создавањето имплементација на реформите. Тој смета дека младите луѓе се клучот за иднината на Регионот и оти учеството на младите на претстојниот референдум во Македонија може да биде одлучувачко во европската судбина на земјата и ќе го одреди напредокот во европската интеграција на земјата и на регионот. Тој истакна дека дијалогот Жан Моне за градење компромис и консензус меѓу политичките партии и пратениците може да се искористи како важна стратегија и за другите парламенти на Западниот Балкан.

Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, рече дека целта на дијалогот не е потпишување документи, туку надминување на кризите. Политичката дебата треба да се води во Парламентот и иако имале забелешки, тие стојат и го поддржуваат референдумот, затоа што е од историска важност за Република Македонија и нејзините евроатлантски интеграции. 

Копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Алојз Петерле, посочи дека многу проблеми на Балканот во минатото биле врзани со недоволно почитување на различностите и ентитетите. Ги поздрави постигнатите договори меѓу Република Македонија и Република Бугарија и Преспанскиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција. На младите им порача да го искористат моментот и, како што рече, да му дадат „гориво“ на дијалогот. Петерле посака добри резултати на крајот на септември овде, во Македонија.   

 

 Финална декларација

 Фото галерија - прв ден

 Фото галерија - втор ден

Поврзани вести:

• Oбраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на млади лидери на тема „Поттикнување на политички дијалог и консензус“

Дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики

Поздравно обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на млади лидери на тема „Премостување на празнината меѓу младите и политиката“ 

Click