Активности

Вторник, 1 октомври 2019 година

Прашање до Амели де Моншалан

На првиот ден на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која се одржува во Стразбур, францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан се обрати во својство на претседавач со Комитетот на министрите.

По обраќањето, шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, г. Бетиан Китев ја искористи можноста да и постави прашање на г-ѓа Монншалан. Тој нагласи дека иако последните неколку години беа предизвик за Република Северна Македонија, беше постигнат компромис за името со Грција и напредок во реформите во клучните области. Имајќи го предвид огромниот трансформативен ефект на европската перспектива, Китев запраша дали Република Северна Македонија може да очекува поддршка од Франција за добивање датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ оваа есен. Државниот секретар за европски прашања на министерот за Европа и надворешни работи на Франција , г-ѓа Моншалан ја поздрави големата политичка храброст на Владата за постигнување на договорот од Преспа и рече дека иако не сака да ја прејудицира одлуката која треба да биде донесена на 15 октомври во Луксембург, потсети дека минатата година во својата одлука Европскиот совет се обврзал да донесе одлука оваа година и дека оттогаш имала многу средби со политичкиот врв на Северна Македонија и увери дека се работи на донесување на јасна и суштинска одлука. 

Слично прашање имаше и пратеничката од Норвешка, Лизе Кристоферсен која е и коизвестител за постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Таа констатираше дека преговорите за пристапување во ЕУ се клучни за да се потврдат позитивните случувања во овој дел на Балканот, а имајќи предвид дека Бундестагот гласаше за одредување на датум за започнување на преговорите, ја запраша г-ѓа Моншалан дали смета дека преговорите за пристапување во ЕУ се клучни за да се докаже позитивниот развој во Северна Македонија и кога би бил доделен датумот.

Државниот секретар за европски прашања Амели де Моншалан рече дека на 15 октомври во Луксембург очекува суштинска дискусија за Северна Македонија во  согласност со преземените обврски од минатиот јули. Таа нагласи дека преговорите за проширување и пристапување не смеат да ја кријат длабоката реалност на предизвикот со кој се соочува Западниот Балкан. Постојат правни проблеми, прашања поврзани со владеењето на правото, јавните набавки, јавните услуги, но клучно е, оцени Моншалан, да им се обезбеди на младите во земјите од Западен Балкан економски, културен, социјален развој за да останат во земјите во кои се родени. Таа истакна дека одлевањето на мозоци,  масовната емиграција од различните земји на Балканот ги смета за голем демократски и социјален предизвик,  и притоа истакна дека Парламентарното собрание на Советот на Европа може многу да направи да им помогне на земјите членки  да најдат начин да  продолжат напред.

Click