Активности

Четврток, 6 февруари 2020

Пратениците Зендели и Димков на Состанок на ХУГЕН во Тирана

Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонија и членот на Комисијата, Трајчо Димков, учествуваа на состанок на Управниот одбор на Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан (ХУГЕН). Состанокот се одржа на 4 и 5 февруари 2020 година во Тирана, Албанија.

Организатор на состанокот беше Вестминстер фондацијата за демократија од Лондон, Обединетото Кралство и Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан (ХУГЕН).

Ова е трет состанок на Мрежата на кој се разговараше за развојот на пилот-проектот за постзаконодавен надзор за секоја земја учесничка поединечно и се планираа идните активности неопходни за подобрување на капацитетите и процесите за вршење на постзаконодавен надзор.

Воведно обаќање на состанокот имаа Нада Дробњак, неформална претседателка на Мрежата; Василика Хиси, потпретседателка на Собранието на Албанија и Иван Радојевиќ од Вестминстер фондацијата за демократија.

Најдобрите пракси и методологии за постзаконодавен надзор во Европа ги презентираше Франклин де Вриезе, постар советник за управување во Вестминстер фондацијата за демократија.

Пратеникот Фадил Зендели на почетокот на своето обраќање го потенцираше значењето на  солидарноста помеѓу земјите во регионот во случаи како што беше земјотресот кој се случи неодамна во Албанија. Во однос на Законот врз кој ќе се спроведе постзаконодаен надзор, Законот за општа управна постапка, потенцираше дека се работи за Закон кој има историја, кој е заеднички со земјите од поранешна Југославија, но сега веќе во една модернизирана верзија и во контекст на заштита на човековите права. Тој додаде дека овој закон ги регулира односите на граѓаните со институциите и обезбедува судска заштита. Во однос на целиот процес, Зендели изрази подготвеност и поддршка на активностите за обезбедување на информации во врска со спроведување на овој закон од сите засегнати институции, организирање консултации и споделување на информации со јавноста за време на целиот процес.

Пратеникот Трајчо Димков, исто така, изрази поддршка на земјата во справувањето со последиците од земјотресот. Тој спомена дека законите во нашата земја често се менуваат и дека има добри закони, но потребно е да се посветиме повеќе на нивната имплементација. По примерот на некои европски земји, тој се согласи дека е добра идејата да се основа ново работно тело во Собранието, чија надлежност ќе биде мониторингот на имплементацијата на законите. 

Click