Активности

Понеделник, 11 декември 2017 година

Пратеничката Славица Шуманска Митева на Третиот индустриски форум во Полска

Пратеничката Славица Шуманска Митева, од 8 до 10 декември 2017 година учествуваше на Третиот индустриски форум, кој во организација на Иститутот за источни студии од Полска се одржа во Карпач, Полска.

Во рамките на Форумот, пратеничката Митева учестуваше на темата „Културна индустрија - Како да се постигне успех“. Од аспект на новата визија за иднината на културата и нејзиниот потенцијал да создава нови работни места, пратеничката Митева истакна дека не само во Република Македонија, туку и во земјите од регинот, Источна Европа и пошироко во светски рамки длабоко е вкоренета перцепцијата за културата како специфична активност што не треба да се поврзува со економијата. Причината за тоа се различните сфаќања за тоа што е уметноста и која е функцијата на културата во едно општество во различни историски времиња. Културата гледано и како јавно добро, и како можност за креирање нови работни места, треба да добива систематска буџетска поддршка, но и во двата случаи причината за јавното финансирање треба да биде јавниот интерес, што од друга страна претставува своевидна опасност од активно политичко потчинување на уметниците на одредени политички елити.

Неспорно е дека уметниците треба да бидат свесни за состојбите во општеството, но тие имаат потреба да бидат одговорни и критички настроени и тоа е основата во создавањето врвни уметнички, интелектуални и културни производи. Во развојниот концепт на културата неизбежна е и потребата од подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку културата, односно нивна културна еманципација. Културните изразувања можат да бидат значаен извор на идеи коишто можат да бидат репродуцирани во различни економски сектори. Гледано во контекст на дадени општествени појави, културните економии логички подразбираат утврдување механизми што ќе овозможат идентификување и поттикнување на креативноста. Како и да е, без оглед дали се работи за традиционални уметнички области или креативни индустрии, развојот на културниот сектор треба да се гледа во развојот на сродни индустрии, како на пример културниот туризам и особено во информатичко комуникациските индустрии. 

Од аспект на практична примена на концептите на креативните индустрии, како база на креативните економии, ги посочи проектите кои се однесуваат на превод на македонска литература и книжевни остварувања на македонски јазик на неколку светски јазици, како и издавањето на преводи на учебници за високото образование од најпрестижните универзитети во светот. 

Модератор на тематскиот блок беше универзитетскиот професор Томас Очиновски од Варшавскиот универзитет, а дебатата се одвиваше во присуство на претставници од полската издавачка, театарска, филмска и авторска дејност како и на музичката индустрија и медиуми. 

Click