Активности

Понеделник, 14 мај 2018 година

Пратеничката Славица Шуманска-Митева воведничар во панелот за проширување на ЕУ

Во рамките на вториот ден на Конференцијата на тема „Преку идејата за ЕУ до мир и развој“, што се одржа на 11-12 мај во Белград, пратеничката Славица Шуманска-Митева беше воведничар во панелот посветен на „Проширувањето на ЕУ“.

Во своето излагање, г-ѓа Шуманска-Митева, осврнувајќи се на ЕУ проширувањето како нејзин најважен развоен и мировен проект, истакна дека е од особена важност за приближување на Западниот Балкан кон европското семејство. Притоа, ја нагласи потребата овој процес да биде двостран, односно истовремено, земјите аспиранти за ЕУ членство да бидат посветени на неопходните ЕУ реформи, но и земјите членки на ЕУ да имат своја одговорност и обврски.

Таа информира дека Македонија останува посветена на реализирање и испорачување на резултатите од ЕУ реформите кои Брисел ги бара од нас, пред  оддржувањето на Советот на ЕУ во јуни, во делот на владеењето на правото, и тоа со посебен акцент на реформите во судството и јавната администрација. 

Истакна дека Македонија има јасни цели, а тоа се полноправно членство во ЕУ и НАТО, развивање на добри односи со соседите, но и пошироко во регионот и меѓународната заедница во целина. Информира дека во делот на добрососедските односи со Бугарија потпишан е Договорот за пријателство, добрососедски односи и соработка,  од страна на двајцата премиери, г. Зоран Заев и  г. Бојко Борисов, а, исто така,  во тек се директни и суштински разговори за изнаоѓање на заемно прифатливо решение на премиерите на Македонија и Грција, со цел за надминување на разликата околу името.

На крајот од своето излагање, пратеничката Шуманска-Митева изрази надеж дека   во Брисел позитивно ќе ги оценат постигнатите резултати на Македонија и дека на јунскиот состанок на Советот во Брисел, земјата ќе добие почеток на преговори за ЕУ членство.

Click