Активности

Петок, 27 септември 2019 година

ПРАТЕНИКОТ ЗЕЌИР РАМЧИЛОВИЌ ЈА ОТВОРИ МАНИФЕСТАЦИЈАТА ПО ПОВОД ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА БОШЊАЦИТЕ

Вчера во Велес се одржа настан по повод 28 Септември – Денот на Бошњаците. Централно место на настанот беше посветено на збирката поезија „Мостови на пријателство“.

На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски; пратениците Зеќир Рамчиловиќ, Панче Иванов и Агим Муртезанов; заменик-министерот во Министерството за политички систем; вршителот на должноста амбасадор на Босна и Херцеговина и др.

Настанот, од име на Собранието, го отвори пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој ги поздрави присутните гости, авторите и љубителите на поезијата и, меѓу другото, рече: „Пораките на разбирање, љубов, мир, слога, почитување, се пораки на писателите застапени во збирката поезија „Мостови на пријателство 3“, но и универзални пораки со кои можеме да градиме подобра иднина. Нека ни е среќен, вечен и вековит Денот на Бошњаците и заедно со сите граѓани на Македонија и регионот одиме напред, како што кажав, градејќи подобра иднина, која е можна само доколку искрено градиме мостови на пријателство, како што тоа го правите вие почитувани писатели.“

На присутните автори и заслужни поединци и институции за развој на културата во Република Северна Македонија, претседателката на Диван, Сафета Цуцак, им додели благодарници. Љубителите на поезијата уживаа во стиховите кои беа прочитани од страна на 24 автори. На задоволство на присутните, настанот беше збогатен со изведба на класична музика и инструментални обработки на севдалинки.

Click