Активности

Четврток, 28 септември 2017 година

Правото на еднаков третман и политичко учество е камен-темелник на демократијата

Денеска, во Собранието на Република Македонија се одржа дебата за политичкото учество на лицата со попреченост, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Движењето против хендикеп – Полио Плус. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, официјално ја отвори дебатата, при што истакна дека политичкото учество на лицата со попреченост не е ништо друго освен дел од општите човекови права и слободи и дека заштитата и целосната интеграција на овие наши сограѓани, претставува наша морална и цивилизациска обврска. 

Воведно обраќање имаше и г. Гонзало де Чезаре, шеф на Одделот за човекова димензија, Мисија на ОБСЕ во Скопје, кој  зборуваше за правото на еднаков третман и политичко учество, како камен-темелник на демократијата. Притоа го потенцираше фактот за недоволната застапеност на лицата со посебни способности на јавните функции.

Во својот говор, претседавачот со актуелниот шести состав на ИППГ, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, информира за консензусот кој го имаат сите политички партии во однос на подобрување на правата на лицата со посебни способности. Таа  истакна дека ако се гарантираат права, треба да се создадат и услови за истите да се практикуваат.

Претседателот на Државната изборна комисија, г. Александар Чичаковски, говореше за заложбите на ДИК и активностите и проектите кои ги преземале и кои мора  да се преземат за учество на лицата со попреченост во изборниот процес, во однос на овозможување пристап до изборните места, воведувањето шаблон со брејова азбука при гласањето, пристап до веб-страниците, итн. 

Госпоѓа Елена Кочоска од Полио Плус ги презентираше наодите од Анализата на терен за политичкото учество на лицата со попреченост, кои се поразителни и засрамувачки. Токму затоа, таа беше децидна дека граѓанските и политичките права треба да бидат остварени сега и веднаш. Во својот карактеристичен инспиративен говор, г-ѓа Кочоска информираше дека граѓаните со хендикеп не можат да ги остварат своите политички права од осамостојувањето на земјата па сè до денес, за што говори и фактот дека немале ниту пратеник, ниту градоначалник, ниту министер, а во екот на политичката предизборна кампања, нивното прашање не е вклучено во партиските програми. Иако македонското законодавство е богато со закони, тоа не дише со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

Во дебатата која следеше, учество зедоа пратениците г. Трајчо Димков, г-ѓа Лилјана Поповска и г-ѓа Јагода Шахпаска, како и дел од присутните гости, кои искажаа несебична поддршка.

Беа искажани мислења и ставови сè со цел да се отворат прашања за да се надминат препреките и предрасудите и да се преземат мерки за активно вклучување на лицата со посебни способности во политичкото општество.

На крајот беа донесени заклучоци и препораки кои ќе бидат инспирација за вакви дебати и во иднина.

Click