Активности

Среда, 28 ноември 2018 година

Препораки за поголема иницијатива за промоција на локалниот туризам

На редовната сесија на Парламентарното собрание на Парламентарната димензија на Централно-европската иницијатива (ПД-ЦЕИ), која се одржа во Загреб, Република Хрватска, која воедно е и претседавач со ЦЕИ годинава, учествуваше и Делегација на ПД-ЦЕИ на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Фадил Зендели и членот Мирсада Емини-Асани. Тема на Конференцијата беше „Развој на одржливиот туризам и локалните заедници“.

Во своето обраќање на темата, Фадил Зендели ги потенцираше особеностите и механизмите во туристичката индустрија на локално и регионално ниво согласно „Стратегијата за развој на туризмот 2016-2021“ и нагласи дека една од главните задачи на секоја влада е да го поддржи и континуирано да го подобрува туристичкото знаење и квалитет на услуги на земјата, пред сè со иницијативи на локално и регионално ниво. Тој даде кратка анализа на предностите и недостатоците, како и на главните пречки за професионалниот туристички развој на Република Македонија.

„Токму во оваа насока околу развојот на локалниот туризам, препораките се дека треба да се подобри свесноста за туризмот кај локалното население преку иницијативи за промоција и истакнување на економската важност, иницијативи за информирање на локалното население за можностите на туристичката индустрија, како и иницијативи за подигнување на свеста во врска со основните прашања поврзани со туризмот“, рече Зендели.

На крајот на Конференцијата беше усвоена Заедничка декларација околу идните насоки и препораки до земјите членки околу развојот на одржливиот туризам како и заклучокот дека развојот на туризмот има голема важност за земјите од целиот Регион и пошироко. Воедно, беше поздравено и идното претседавање со ЦЕИ на Република Италија, во 2019 година.   

Click